Саит Саитов кој со „пасат“ усмрти жена кај Капиштец претходно бил казнуван за управување возило без возачка дозвола
Често возел без довола, ама еднаш го фатила и полицијата. Саит Саитов кој со „пасат“ усмрти жена во Капиштец па избега во странство, им бил познат на органите на прогонот.
Лани, полицајци го уловиле додека го управува автомобилот на татко му без возачка. За тоа заработил казна од 250 евра. За истиот случај казнет бил и неговиот татко, кој е сопственик на „пасатот“, бидејќи му дозволил на Саит да го вози, иако немал положено. Па, согласно законот и тој заработил казна од 250 евра.
18-годишниот Саитов, за кој полицијата распиша меѓународна потерница често дивеел по улиците. За ова има и видео докази. Дека со поголема брзина го возел „пасатот“ често се фалел и на социјалните мрежи.
Откако медиумите му го открија профилот на Инстаграм, експресно ги избриша сите видеа и фотографии и си го сменил и корисничкото име.
За Саит Саитов е распишана централна и меѓународна потерница по барање на ОЈО Скопје. Се гони за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Со потерница се бара и татко му, со кој заедно избега.
Според истрагата, осомничениот возел „фолксваген пасат“ по улицата Народен фронт без да поседува важечка возачка дозвола. Тој се движел со неприспособена брзина и извршил непрописно поместување во левата коловозна лента, по што со возилото удрил во пешакот 79-годишната Љуба Јаковлеска.
Наместо да застане и да и помогне на повредената, Саит избегал од местото на настанот. Жртвата беше префрлена на Ургентен, но подоцна им подлегна на повредите.
Последниот траг со татко му, им се губи на Табановце. Маж и жена со сопствен автомобил им помогнале да избегаат. Тие биле уапсени откако се вратиле во земјава. Од МВР се децидни дека дека потрагата се води интензивно, во координација со домашни и меѓународни служби.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
