Македонија
24. November 2023 - 19:47

Само сомнеж ќе биде доволен за конфискација на нелегално стекнат имот

Нелегално стекнат имот или пари да се одземаат и без кривична постапка. Ова го предвидува законот за конфискација во граѓанска постапка кој е во фаза на изработка. Со него, според владините претставници треба да се намали корупцијата, бидејќи, постојните закони покажале слабост во борбата со криминално и коруптивно однесување.

„Ние сме мала земја, со многу јавни тајни, а многу малку разрешници. Овој закон не треба да претставува изговор за обвинителите во кривична постапка да избегнуваат кривични постапки и конфискација во кривична постапка“, изјави Славица Грковска, Вицепремиер за добро управување.

Законот за конфискација во граѓанска постапка ќе се применува независно од истрагите или судењата за криминал и корупција. Само сомнеж за нелегално стекнатиот имот ќе биде доволен да се спроведе конфискација.

„Значи на крај, судот или обвинителот вика, Да, се е во ред, гледам, но јас немам доволно докази да излезам на суд за ова лице. Немам доволно докази, но имам сомневање дека тој имот, он и претходно се занимавал со таква криминална активност, имам сомневања дека тој имот не одговара на неговите реални приходи. Значи ова е последно на листата и овде е просторот кога може овој систем да каже криминалот е неисплатилив, тоа го немавме до сега“, изјави Гаврил Бубевски, Јавен обвинител.

Според експертите, конфискацијата на имот е предизвик за сите општества, бидејќи како што велат, незаконски стекнатото богатство служи и да се одбегнат казните.

„Не може така лесно да се детектираат, тешко се докажуваат и на крајот секогаш во постапките успеваат тоа да го завршат на некој лесен начин. Како? Нормално, со парите што ги добиваат од тие нечесно стекнати пари“, изјави Славица Жерајиќ, Член на работна група за предлог-законот.

Одземениот имот во граѓанска постапка, ќе се користи за социјални потреби.