Седум повредени од трагедијата во Кочани се уште на болничко лекување во земјата и странство
Повеќе од еден месец двајца од повредените од трагедијата во Кочани се хоспитализирани на Клиниката за пластична хирургија, откако претходно со недели беа на лекување во Турција. Лекарите велат нивната состојба е значително подобрена но се уште имаат незараснати рани кои мора да бидат под лекарски надзор и третман. Имале тешки повреди и длабоки изгореници за кои е потребен подолг болнички престој.
- И раните се подобруваат, но сепак, се уште има отворени рани. Имаше еден наврат на пресадување на кожа која не беше прифатена. Во вториот наврат пред десетина дена веќе е фатена таа кожа целосно од направената трансплантација. Секако, редовно доаѓаат физикална терапија да прават за да бидат во кондиција, вели Д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, директорката на Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија.
Од кочанската болница велат дека имаат доволно креми и лепенки за сите кои имаат лузни од пожарот а неделава очекуваат да им стигнат и силиконски маски. На Пониква на рехабилитациски третман веќе е втората група каде имаат физиотерапевти и психолошка подрршка, но и лекарски надзор.
- На Пониква имаме или постар специјализант или помлад специјалист кои се цело време со децата на Пониква, вели Ѓорѓиевска Павловска.
Освен двајцата повредени кои се на Пластична, речиси четири месеци по трагедијата, уште двајца има во Аџибадем Систина и тројца на лекување во странство.
На 16 март во пожарот во Пулс животот го загубија 62 лица а 200 беа повредени.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар