Сеќавањата на Шаторо за годините кога се создаваше државата
Kако се одвиваше референдумот на 8 септевмри 1991 година, што се случуваше во тие први години на самостојност, како функцинираше државата тогаш, како кореспондираа помеѓу себе граѓаните, партиите, поразговаравме со првиот градоначалник на Прилеп Илија Димоски Шаторо, кој ни раскажа за тоа со која жар се градеше Македонија, но и за тоа како дојдовме на ова дереџе денес.
„8 септември 91 година граѓаните на општина Прилеп го чекаа како јајце на Велигден, и го дочекаа. Jас како претседател бев овластен да ги следам изборните места, значи целиот народ беше расположен, насмеан, долго време го очекуваше овој ден. Пред собранието на општина Прилеп, тоа е старата општинска зграда имаше околу 5.000 луѓе кои ги очекуваа резултатите од референдумот. Резултатите беа соопштени некаде пред 20 часот и тогаш народот беше воодушевен, восхитен и имаше тапани, играња пред собранието на општина Прилеп“, истакна Илија Димоски, прв градоначалник на Прилеп.
Дел до граѓаните во тој момент во еуфорија тргнале да ја заземат касарната во Прилеп, од каде се уште не била замината војската на ЈНА.
„Некаде околу 20:30 часот тогашниот секретар Иван Гагачо иди и ми вели претседателе групата оди кон касарната. Абе како кон касарната му велам, ќе направат инцидент. Зедов кола и тогаш како што беше улицата од коцка, валовита терав многу брзо, излегов пред колоната и пред касарните, пред мовчето ја свртив надолу по течението на реката Дабничка“, додаде Димоски.
Шаторо вели ние во времето градевме држава, а денес политичарите наместо државниот интерес си го гледале само својот интерес.
„90тите години имаше чесност и почитување меѓу луѓето, сега нема чесност, нема почитување. Тогаш немаше тендери, ние правевме држава, не смеевме да помислиме едно стопаре да ставиме в џеб. Јас дури и да кажам за Скопје кога одев гледав да не одам сам како бег во колата туку да однесам таму некој од Собрание на општина Прилеп ако има некоја работа да ја сврши работата. Одборниците во Прилеп бевме на број 33, од 33 тројца земаа надоместок што беа од селата само за карта ако донесат од воз или автобус, шанса немаше некој да земи пари, никој ништо не земаше, даваа не земаа и викаа ура да ја направиме државата“, додаде Димоски.
Според Димоски повеќе демократија имало тогаш отколку сега. Како надвор од партиите, така и внатре во самите партии.
„И што е најважно и ова да кажам дека партииве квалитетните луѓе ги туркаат на страна, ги туркаат и идат луѓе кои се партиски обоени, што партијата ја слушаат. Прават само како што ќе речи претседателот на партијата така, било во СДСМ, било во ВМРО.
Во ваше време имавте храброст да му речите не на лидерот на партијата?
Ние имавме храброст, му велевме не и многу работи се прифаќаа и затоа одеше работата, затоа велам дека тогаш имаше поголема демократија него сега“, додаде Димоски.
Соработката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ како главни политички играчи во тоа време била далеку поголема отколку сега иако нормално секоја партија си имала свои цели и идеологија.
„Одам кај Киро Глигоров ни најавен ни ништо, влегувам внатре и секретарката ми вели дали имаш закажано со претседателот, јас му велам кажи му дека Шаторо од Прилеп е дојден и тој вели ајде делегацијата од Прилеп со Шаторо да влегува. Истото се случуваше и кај премиерот Бранко Црвенковски. Значи иди Илија Димоски Шаторо ни најавен, ни ништо. Илија да влези. И влегував. Мора да се соработува така ако сакаш да живееш и да опстаниш“, кажа Димоски
Ова е неговата главна порака до граѓаните за 30 години независност на Македонија.
„За националните прашања треба да бидеме единствени, тука има црвена линија и нема никакво попуштање, никакво отстапување“, истакна Димоски.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар