Македонија
7. August 2018 - 16:27

Секое дете има потреба од семејство

Ацка Божиноска од Прилеп веќе 16 години згрижува деца со посебни потреби. Досега има згрижено 8 деца, а моментално кај неа се 2. Вели дека љубовта која ја добивала во текот на овие години од страна на дечињата не може да се замени со ништо. Најтешка била разделбата.

„Јас го имам почувствувано тоа и е многу тешко бидејќи се навикнуваме, тука постојат и чувства и љубов спрема децата“, вели Ацка Божиноска, згрижувач на деца.

Поради тоа што им дава огромна љубов на своите деца, тие толку многу напреднувале во развојот што 5 од нив се вратени кај своите биолошки родители. Божиноска упатува апел, секој кој има можност да згрижи барем едно вакво дете.

„Нека ги отворат своите домови, нека ги отворат своите срца, да им пружат еден топол дом на овие деца и тие да се извадат од институциите, бидејќи едно е домот, а друго се институциите“, додава Божиноска.

Весна Димоска пак има згрижено 3 деца кои веќе 17 години се кај неа.

„Ги зедов мали, едно на 4 години, другото имаше 8, а третото 12 години. Едното девојче успеа да заврши тука основно училиште, сега е втора година во Штип каде учи и е одличен ученик. Другите две деца посетуваат Дневен центар, супер се“, изјави Весна Димоска, згрижувач на деца.

И Божиноска и Димоска присуствуваа на кампањата во Прилеп - „На секое дете му треба семејство, која ја организираше Министерството за труд и УНИЦЕФ. Целта на оваа кампања, која трае од 1 јуни била да се извлечат сите деца од институциите и да се сместат во згрижувачки семејства.

„Сместување во големите институции и поразително по развојот на децата и тоа мора да престане. Секоја Општина треба да има алтернативни облици на згрижување“, рече Олимпија Гроздановска, претставник на УНИЦЕФ.

„Предвидено е до 2020 година сите деца од 0 до 3 години да бидат извадени од институциите и да бидат сместени во згрижувачки семејства или посвоени“, Шпреса Саиди, претставник на Министертството за труд.

Досега за 3 месеци интерес за згрижување на деца покажале 270 семејства.

„Ние како прилепчани сме хумани луѓе имајќи во предвид дека и во овој момент 20 семејства имаат згрижено 34 деца“, истакна Живко Силјаноски, директор на Центар за социјална работа – Прилеп.

Во Прилеп било предвидено наскоро да бидат отворени и 2 мали групни домови.