Шаќири најавува реформа на календарот за учебната година, да стартува подоцна и да завршува на крајот од јуни
Учебната година да почне од средината на септември и да трае до крајот на јуни. Ова е еден од трите предлози кои ги подготвува министерството за образование во консултација со наставници и синдикатот. Другата опција е како и досега од 1-ви септември петок до 10 јуни, а третиот предлог е децата да имаат пролетен распуст, но да учат подолго во јуни. Според министерот Шаќири ова е по пример на други земји, а каков образовен процес ќе имаме треба да одлучи Владата.
-Се уште не е доставен предлогот до Влада. Тоа е дискусија што почна заедно со синдикатите, изјави Јетон Шаќири, министер за образопвание и наука.
За скандалот со масовното препишување на државната матура преку вибер група, министерот вели дека очекува до крајот на месецот пред објавување на резултатите да се утврди како дошло до оваа ситуација.
-Имам побарано од Државниот испитен центар и Советот да ги има предвид сите закони и секое прекршување, да има заклучоци за образовниот процес во дел на препишување на државната матура. Ако имаше пробивање во дел на државната матура, ќе имаше други чекори. Но, и ние како општество во наредниот период сите да дадеме придонес за вакви случувања да има што помалку во образовниот процес, рече министерот Шаќири.
Според министерот поради препишувањето нема да се поништи државната матура, но доколку се утврдат пропусти ќе има одговорност и последици и за децата и за тие што го овозможиле препишувањето.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар