Македонија
6. February 2024 - 16:36

Ширењето на големата кашлица сериозна закана за главниот град

Скопје пред епидемија од голема кашлица. Со 12 потврдени случаи во главниот град  и еден контакт за кој чекаат резултати, членовите на Комисијата за заразни болести утре ќе дискутираат дали е време за поригорозни мерки цо цел заразата да биде ставена под контрола.

Ако досега регистрираните случаи ги водеа како поединечни, веќе има поврзани случаи во семејството на 6 неделното новородече кое е хоспитализирано на Клиниката за детски болести.

Сите потврдени со пертус досега не се вакцинирани, велат од скопскиот Центар за јавно здравје.

-Оваа болест е високо заразна и опасна по живот особено за новороденчињата до 12 месечна возраст. Може да заврши фатално или да остави трајни последици. Апелирам до родителите сериозно да ја сватат ситуацијата со имунизацијата, особено сега со пертусис, да не чекаат да се појавар случаи па потоа да иницираме вакцинација, вели д-р Бесим Зеќири, директор на Центар за јавно здравје Скопје.

Освен на Детска, хоспитализирани има и во Козле. На болнички третман се две доенчиња и според лекарите тие се во стабилна состојба.

Епидемиолозите стравуваат дека бројките ќе растат поради нискиот опфат со Ди те пер вакцината која е околу 84 проценти а треба над 95 за колективен имунитет. Министерот за здравство вели дека ја следат состојбата и верува во проценките што ќе ги донесе Комисијата за заразни болести.

Во Белград веќе прогласија епидемија на голема кашлица, која е опасно и  сериозно заболување што може да трае со месеци.