Македонија
30. March 2022 - 12:24

Штип ја доби првата регионална канцеларија за млади

Младите од Истокот конечно во фокусот на вниманието. Во една од просториите на Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, отворена првата регионална канцеларија МладиХаб. Ова ќе биде место, каде младите ќе се собираат, соработуваат и вмрежуваат со организации и институции кои нудат поддршка, но најважно е тоа што ова е првиот чекор во запирање на иселувањето на младите луѓе.

-Очигледно е дека дојде време да креираме јавни политики врз основа на потребите и да го слушнеме гласот на младите за нивните барања, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип. 

-Нашата институција е силно фокусирана кон профилирање и градење на нивните творечки и уметнички капацитети, затоа што секој чекор од нивна страна е искрен и со желба за подобра иднина во нашата земја, изјави Горан Трајков директорот на Дом на култура „Ацо Шопов“ - Штип. 

Отворањето на МладиХаб финансиски е поддржано од Британската амбасада во Скопје. Нивниот претставник истакна дека канцеларијата ќе им помогне на младите да ги усовршат професионалните вештини и да се стекнат со практично искуство.

Овој настан им даде можност на младите луѓе да се сретнат со широк спектар на компании и да разговараат за кариерните можности кои им се на располагање и во некој случај да бидат интервјуирани за потенцијална работа или стажирање, изјави Ендру Вренд, програмски раководител во Британската амбасада - Скопје. 

Начинот на функционирање на ваков тип канцеларии се базира на систематски пристап и целосна поддршка од сите релевантни институции.