Македонија
26. November 2021 - 12:32

Штип распиша огласи за вработување на наставен кадар, но во градот нема невработени наставници

Над 100 огласи за вработување во штипските основни и средни училишта. Се бара наставен кадар по историја, природни науки, влашки јазик, физичко воспитување и библиотекари. Најголем дел од огласите или 33, се за ОУ „Ванчо Прќе, а потоа следува ОУ„ Димитар Влахов“ со потреба од 19 наставници. Согласноста за вработување е одобрена од претходниот градоначалник.

-Jас овде практично немам можност да реагирам, ниту пак да влијаам врз овој процес. Единствено можам да ги охрабрам сите наши сограѓани кои ги исполнуваат условите за овие огласи да аплицираат, согласно потребите на образовните институции, односно, училиштата на територија на општина Штип - изјави Иван Јорданов, градоначалник  на Штип.

Според информациите од Агенцијата за вработување, Штип нема доволен невработен наставен кадар  за да ги задоволи потребите.

-Генерално за одредени професии има дефицит и во овој момент единствено решение е да бараме кадар од другите околни општини и населени места, за да работат и бидат дел од образовниот процес во општина Штип-додаде Јорданов.

За сега нема смена на директорите на основните и средните училишта кои се поставени од претходната локална власт, а чии мандати истекуваат на почетокот од 2022-та или на крајот од учебната година. На последната седница на Советот беа разрешени старите и именувани нови членови на управните одбори на сите училишта.