Македонија
25. February 2022 - 12:28

Штип се соочува со финансиски опструкции од Владата тврди Јорданов

Првиот човек на Штип ја обвини централната власт за опструкција на реализацијата на капиталните проекти кои се од огромно значање за граѓаните на општината, но и на целиот источен регион.

-Штипјани се ограничени со средства и ресурси, затоа што е прекинато финансирањето на изградбата на клиничката болница во Штип. Универзитетот „Гоце Делчев“, исто така има намалено финансирање од државата. Единствено нешто што добивме од централната власт е поставување на 2 нови патарини на автопатот Штип – Скопје- изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип. 

Врвот на ароганцијата и потценувањето ја достигна Министерството за култура со одлуката да издвои 399.000 денари или само 7 % од потребните средства за одржување на годинашното издание на „Макфест“, додаде Јорданов. Досега, фестивалот на забавни мелодии од ресорното министерство беше поддржан најмалку со 2,5 милиони денари, а најмногу пред 8 години, со 7 милиони денари.

-Имајќи во предвид дека, со овие срамни средства се понижуваат граѓаните на општина Штип, истите ние ќе ги вратиме. „Макфест“ не е само фестивал, „Mакфест“ не начин на живот, „Макфест“ значи многу за нас како град и ние нема да го дозволиме тоа понижување и комплетно ќе го финансира општината- изјави Јорданов

Финансиската рамка за реализација на реномираниот фестивал изнесува 6 милиони денари и ќе се обезбедат од општинската каса со ребаланс на буџетот за 2022-ра година.