Што ќе донесе пролетниот одмор за учениците?
За 4 дена пролетен распуст во ек на празници, учениците ќе одат на настава се до 17 јуни. Овој нов распуст е всушност во период кога се празнуваат денот на работникот и православниот празник Велигден, денови кои се неработни за сите граѓани. Од МОН велат дека измените на календарот да се воведе распуст од 29 април до 5 мај, се направени по сеопфатна анализа и во координација со засегнатите страни, сојузот на средношколци и СОНК и е практика во сите европски земји.
Ваквиот кус одмор од секојдневните ученички обврски ќе има позитивни ефекти врз физичкото, менталното и емоционалното здравје на основците и средношколците, и ќе им помогне полесно да го совладаат финалниот период од учебната година, последните тестирања и проверки на знаењата.
Сето ова според МОН е согласно законот, кој предвидува минимум 180 наставни денови.
Социолозите сметаат дека со оваа реформа само се замајува јавноста а ниту учениците ниту наставниот кадар не добива ништо. Универзитетскиот професор Илија Ацески, смета дека за поголема продуктивност потребни се порадикални промени. Доколку навистина се земаат за пример европските практики, треба ваквиот пролетен распуст да биде на почетокот од април и да трае 7 работни дена.
МОН одлучи новата учебната година да почне на 1 септември, а да заврши на 17 јуни. Зимскиот распуст останува во ист период како и до сега, од 29 декември а второто полугодие ќе почне на 22 јануари.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
