Македонија
7. February 2026 - 16:39

Шуга кај двајца војници во велешка касарна – надлежните будно ја следат состојбата

Шуга се шири во велешката касарна. Двајца новопримени професионални војници завршија во изолација откако им беше дијагностицирана заразната кожна болест скабиес. Неофицијално, кожната болест кај едниот војник е дијагностицирана во четвртокот, а кај другиот вчера. Но будно се следи дали некој друг е заразен. Секој што ќе пројави симптоми, ќе биде испитан од службите во воено-медицинскиот центар. 

Од Армијата за Сител ги потврдуваат случаите. Тврдат дека се преземени сите мерки за спречување на заразата.  

„Направен е епидемиолошки надзор од страна на Воено Медицинскиот Центар и се постапува согласно препораките на стручните лица. Сместувањето на војниците е регулирано согласно Правилото за сместување и ред во Армијата. Пред почетокот на обуката се обезбедени соодветни услови за сместување, престој и работа, во согласност со Армиските стандарди. Пред сместувањето на персоналот извршена е комплетна дезинфекција на просториите, а на користење се дадени чисти и испрани постелнини и ќебиња. Капењето на војниците е организирано и се спроведува плански и во соодветни услови, појаснуваат од Армијата.

Шугата е заразна која ја предизвикува ситен паразит. Предизвикува силно чешање и се пренесува преку заедничка облека, постелнини или пешкири. 

Во изолација треба да одат не само оние кај кои е потврдена болеста, туку и сите со кои биле во контакт - без разлика дали пројавиле симптоми. 

Од Армијата дополнуваат дека во изминатиот период се организирале настани со присуство на стотици војници, притоа не било евидентиран ваков тип на заболување. Заразените професионални војници биле примени во АРМ на крајот на месец декември.