Сиљановска-Давкова: Да го продолжиме револуционерен пат со ум, знаење и реформи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните со порака да го продолжиме револуционерен пат, не со оружје, туку со револуционерен ум, револуционерно знаење и со револуционерни реформи.
-Ви го честитам 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, кога гордо се потсетуваме на грандиозната историска улога на македонската револуционерна организација, врз чиј дух и дело почива македонската државност. Многупати сум потсетила дека животот во слобода, мир и демократија во своја национална држава не ни е подарен, туку е извојуван и изборен од нашите предци, македонските револуционери. Не случајно Републиката, во Член 36 на Уставот им гарантира посебни права на оние кои се бореле за самобитноста на македонскиот народ и неговата државност во национално-ослободителните војни за Македонија, истакнува претседателката Сиљановска-Давкова.
Затоа, како што посочува таа, денешниот голем празник е можност да се потсетиме на хероите кои ги дадоа своите животи за слободна, независна, но и за социјална, солидарна и демократска македонска држава. - Нивните идеали беа сржта на најнапредните идеи од крајот на 19. век, од нив извираат и врз нив се темелат европските вредности, вградени во конститутивните документи на ЕУ, на коишто постојано повикувам, вели Сиљановска-Давкова.
Чествувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, како што нагласува претседателката, е потсетување на нашата обврска да го негуваме и продолжиме светото револуционерно дело преку грижата и заштитата на вечните хумани принципи.
-Кон нив, но и кон нашите наследници имаме обврска чесно, одговорно и посветено, да го продолжиме нивниот револуционерен пат, не со оружје, туку со револуционерен ум, револуционерно знаење и со револуционерни реформи. Ние немаме друга татковина, освен нивната, онаа на македонските револуционери. Должни сме да ја сочуваме и политички да ја вградиме таму каде што географски, историски и културно отсекогаш припаѓа - во Европа. Да продолжиме да си ја сакаме, развиваме и чуваме, но и да си ги почитуваме и негуваме темелите врз кои е изградена – правото, правдата, етиката, солидарноста и рамноправноста. Нека ни е вековит празникот, истакнува претседателката Сиљановска-Давкова.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп тврди дека „негативните сили“ претеруваат во загриженоста околу вештачката интелигенција
-

Полска вознемирена откако Русија нападна воз од Киев за Варшава
-

Избрана нова влада на Косово, во ист состав како претходната
-

ДИК: Поднесени шест кандидатски листи за градоначалник на Општина Брвеница
-

Драматичен обид за бегство на криумчари кај Блаце, полицаец влечен за рака со возило
-

Старт на „Безбеден град“ во Велес, веќе за ден и пол околу 150 казни
-

Во изминатото деноноќие уапсени 13 возачи поради „безобѕирно управување со возило“
-

Мицкоски: Денеска ќе донесеме мерка за намалување на ДДВ за дизел горивото од 18 на 10 проценти
