Сиљановска-Давкова ја прими претседателката на косовското Собрание, Хаџиу

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Албулена Хаџиу, претседателка на Собранието на Република Косово, која престојува во официјална посета на државава. Таа искажа задоволство од развојот на македонско-косовските односи, коишто се одликуваат со редовен политички дијалог, заеднички стратешки цели и усогласени ставови за меѓународните прашања, информират од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Македонската претседателка укажала дека добрососедството, јакнењето на регионалната соработка и иницијативите како процесот Брдо-Бриони, придонесуваат за поголема почит, разбраност и препознатливост на Западниот Балкан како кредибилен партнер на ЕУ.
Претседателката ја реафирмираше поддршката за евроатлантските аспирации на Косово. Таа уште еднаш порача дека во пристапниот процес кон ЕУ, државите треба да бидат праведно евалуирани, врз основа на Копенхашките критериуми. Како поранешна пратеничка, за Сиљановска-Давкова улогата на парламентите и парламентарната соработка се клучни за продлабочување на демократските процеси. Таа ја охрабри позитивната динамика, на редовни средби на парламентарците и размена на добрите практики, особено во функција на евроинтеграциските процеси, нагласуваат од Кабинетот на Сиљановска Давкова.
Хаџиу, пак, се заблагодарила за македонското пријателство и солидарност потврдени низ годините. За неа, албанската заедница во земјава има важна улога во добрите меѓусебни односи. Таа истакнала и дека високо го цени македонскиот придонес за мирот и стабилноста на Косово, преку КФОР и НАТО, како и поддршката за нивното членство во евроатлантските структури.
Обете го поздравиле напредокот во развојот на економската соработка и трговската размена, за што, како што нагласиле, е неопходно натамошно унапредување на инфраструктурното поврзување меѓу двете земји и олеснување на царинските процедури.
Соговорничките размениле мислења и за актуелните политички состојби, согласувајќи се дека помирувањето и силниот регионален настап, придонесуваат за европската перспектива на Западниот Балкан и подобра меѓународна позиционираност.
МИА
Ново на Сител
-

Бартломиеј Питала - почесен граѓанин на Скопје, човекот со чиј подвиг светот слушна за нашето богатство
-

300 килограми кокаин скриен меѓу банани запленет во Германија по информации од македонската полиција и ДЕА
-

Зеленски се надева дека резултатите од американските избори ќе донесат поголема помош за Украина
-

25-годишен тетовец ја нападнал сопругата па се заканувал на нејзиното семејство
-

Цените на угостителските услуги во октомври повисоки за 1,6 отсто на годишно ниво
-

Ѓорѓиевски: Младите заслужуваат свој дом - ослободување од комуналии за млади брачни двојки до 40 години
-

Секој трет што позајмил пари на пријател останал без позајмените парите, а многумина и без пријателството
-

Почина Алан Џонс, шампионот во Формула 1 од 1980 година
