Македонија
4. јуни 2022 - 16:42

Силвестри очекува решение за проблемите до крајот на јуни

Пристапувањето на Македонија и Западен Балкан во ЕУ претставува јасен приоритет и затоа е неопходно преговарачката рамка за Македонија и Албанија да се усвои во најкраток можен рок, смета амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри. Тој се надева дека до крајот на месецот сите засегнати страни ќе направат обид таа цел да се постигне.

„За нас претставува јасен приоритет пристапувањето на Северна Македонија и Западен Балкан не само во интерес на нивниот просперитет, туку и безбедност, особено сега. Затоа неопходно е да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија во најкраток можен рок“, рече Андреа Силвестри, амбасадор на Република Италија.

Силвестри кој присуствуваше во Струмица на одбележувањето на денот на пријателството помеѓу Македонија и Италија односите на двете земји ги оцени како извонредни кои уште повеќе се зацврстиле по неодамнешната посета на македонската владина делегација на Рим. И градоначалникот на Струмица смета дека пријателството меѓу двете држави се продлабочува на многу полиња, а едно е од нив е изучувањето на италијанскиот јазик како втор странски јазик во основните и средните училишта.

„Нас не поврзуваат песните, виното, храната, културното наследство, отвореноста и менталитетот, па и покрај суштинските разлики на тие нешта, сепак постои сродност која е засилувач на пријателството“, рече Костадин Костадинов, градоначалник на општина Струмица.

Одбележувањето на денот на пријателство помеѓу Македонија и Италија се одржа под покровителство на поранешниот премиер Зоран Заев.