Македонија
30. May 2022 - 16:33

Симболичен марш за кревање на свеста во борбата со мултипла склероза

Болеста ги врзала за инвалидски колички. Христина веќе 18 години има мултипла склероза - Еркан од 13тата година е со дијагностицирана мускулна дистрофија. Прифаќањето на вистината била шок и за двајцата. На почетокот имале многу прашања и дилеми што понатаму. Одлучиле да ја прифатат реалноста и Христина и Еркан се вистински херои кои и покрај хендикепот работат, се борат и функционираат во општеството во кое се уште има предрасуди за овие лица. 

- Не беше лесно, тоа се случи во 2005 година. Не знаев за болеста и ја прашав докторката дали со тоа се живее, дали се умира дали може да има последици за моите деца..ми рече не и така јас ја прифатив таквата состојба, вели Христина Просковска, лице со мултипла склероза.

- Не беше лесно, секако е шок на почетокот...немаме доволно рампи и пристапни места, но ја прифатив реалноста и со инвалидска количка можам многу работи да правам, вели Еркан Кахили, лице со мускулна дистрофија.

Христина вели дека болеста ја лишила од многу работи кои ги сакала порано кога била многу физичка активна и секогаш им помагала на другите. Сега е од другата страна кога нејзе и треба помош, но нејзините деца ја прифатиле реалноста и има целосна поддршка и од семејството и од пријателите.

- Помалото дете и не знае каква сум била порано, знаеме не е сеедно кога не можете нешто да им направите, но имам прекрасно семејство кои секогаш се покрај мене, вели Просковска.

Но Христина и Еркан се само дел од големото семејство на лица со одреден вид на хендикеп на кои им треба поддршка, внимание и прифаќање такви какви што се.

- Никако не треба да им се пристапи со сожалување на тие лица, да се прифатат и да бидат активни во општеството, вели Просковска.

Денеска е меѓународен Ден на лицата со мултипла склероза и по тој повод заедно со лица кои имаат параплегија и мускулна дистрофија одржаа марш за подигање на свеста за проблемите со кои се соочуваат.