Македонија
2. February 2024 - 16:59

„Сината дијагноза" на малигно болни се уште чека термин

Истрагата за Нино Васев и останатите четворица осомничени треба да покаже дали и зошто некои ја злоупотребувале позицијата и се богателе на грбот на најтешко болните. Но скандалот на Онкологија ја отвори и пандорината кутија за сите патешествија низ кои поминуваат пациентите, посебно оние со малигни заболувања.

Со недели се чека за дијагностика, уште толку за читање на резултат...И пет месеци по предлогот на претседателот на здружението за цервикална патологија да се воведе сина дијагноза во Мој Термин што ќе значи секогаш слободно место за болните од рак, засега нема никаков напредок.

 -Пациенти кои имаат малигно заболување во најбрз можен рок да добијат место каде ќе биде извршено снимање, најчесто се работи за магнетна резонанца и комјутерска томографија кои се битни во пред третманската евалуација. Често се случува кога е веќе средина на месецот да многу од термините, практички сите термини се зафатени, вели проф. д-р Горан Димитров од Клиника за гинекологија

Пациент со инвазивен карцином, а лекарот не може да закаже магнетна резонанца. Ова често се случува низ скопските клиники а недостатокот на специјалисти дополнително ја отежнува работата. Онкологија има само еден патолог и затоа и чекањето за резултати е долго. 

1 патолог специјалист и 1 лекар на специјализација. Цитолошки наоди околу 20 на ден, со период за одговор околу 1 недела. Хистологии околу 20 на ден, со период за одговор околу 2 недели. За повисоко специфични анализи со период за одговор околу 3 недели.

Сведоштвата на онколошки пациенти најдобро ја отсликуваат состојбата во која се наоѓа здравствениот систем и како тие стигнале до дијагнозата и третманот. 

-Гневна сум на системот бидејќи со 40 годишен работен стаж, 40 години плаќам придонеси а не можам она што од државата ми е задолжително, јас сум бесплатен пациент, да го добијам. Останавме без лекари а ние сме армија, најмногу на одделот за рак на дојка има пациенти, тешка ситуација, вели Јулијана Тричковиќ, онколошки пациент. 

Наместо повеќе онколошки центри, сите доаѓаат во Скопје. Нема вработувања, се уште не е ревидирана и позитивната листа на лекови а ракот нема време за чекање и многу брзо може да метастазира. 

Ако ова е реалноста, што ќе кажат здравствените власти за два дена кога е светскиот ден за борба против ракот.