Македонија
19. February 2026 - 19:45

Слаб процент на вакцинација со ХПВ во скопски Центар и Карпош

ХПВ вакцината иако задолжителна и  понатаму е непосакувана кај голем број скопски основци и нивните родители. Ако од Сарај има цели одделенија кои ја примиле, во Центар и Карпош состојбата е загрижувачка а во овие општини опфатот и со другите вакцини е драстично мал.  Едвај по две до три деца од седмо отишле во вакциналните пунктови, велат од секторот за превентивна заштита во Здравствен дом Скопје.  Појаснуваат дека и во деветто кога повторно ги повикуваат за да не ги водат како пропуштени дози, нема одзив.

- Вчера имавме повикано деветто одделение од едно училиште во нашата општина. Меѓутоа навистина имавме многу мал одзив, дојдоа отприлика десетина од сите девети одделенија од ова централно училиште. Се уште доминираат со многу низок опфат на вакцинација урбаните средини како Центар, Карпош, Аеродром. Ние ги повикуваме, се јавуваме кај одговорен во училиштето, меѓутоа не доаѓаат, вели д-р Каролина Ристова Стефановска, раководител на превентивна заштита во Здравствен дом Скопје.

Нискиот опфат на вакцинација со ХПВ според педијатрите се должи на дезинформациите по социјалните мрежи, но и лошите и несоодветни информации кои ги пренесуваат здравствени работници кои даваат совети за пролонгирање на имунизацијата. Дополнителен проблем е и немањето кадар. 

- Не само дезинформациите, ние како вакцинални пунктови немаме кадар. Бројот на педијатри во пунктовите наместо да се зголемува, кај нас постојано опаѓа, вели д-р Стефановска.  

Со ХПВ се превенира ракот на грлото на матката и оваа вакцина е задолжителна во Македонија од 2009 година. Кампањи има, но опфатот нема тенденција на пораст. Иста е состојбата и со вакцинацијата против морбили која и понатаму е ниска во скопските урбани средини а тоа според лекарите е подлога за повторно појавување на епидемии од заразни болести.