Славески: Инфлацијата е стабилна, декемврискиот раст е резултат на авионскиот превоз

Податоците за инфлацијата во декември 2025 година укажуваат на стабилност на домашните ценовни притисоци, а регистрираниот месечен раст е статистички изобличен од цените на авионскиот превоз, оцени гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во објава на социјалната мрежа Х („Твитер“).
Месечната инфлација во декември 2025 година, во споредба со ноември, изнесува 0,4 проценти, при што растот се должи исклучиво на категоријата транспорт, каде што цените во истиот период пораснале за 5,8 проценти.
Славески посочува дека ваквото движење е невообичаено со оглед на стабилните цени на горивата и непроменетите цени во јавниот превоз. Според структурата на индексот, клучен фактор за растот е енормното зголемување на цените на авионскиот превоз, кои во декември минатата година пораснале дури 42 процента. Доколку од пресметката на индексот на цени за декември 2025 година се изостави транспортот, односно авионскиот превоз како целосно странска компонента, месечната инфлација во однос на претходниот месец би изнесувала точно 0,0 проценти, наведува гувернерот.
Ова, посочува Славески, е јасен сигнал дека инфлацијата е стабилна и дека постојат добри основи 2025 година да ја завршиме со стапка на инфлација под 3 проценти.
Државниот завод за статистика на 8 овој месец објави дека инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во декември 2025 година во однос на ноември 2025 изнесуваше 0,4 проценти,
Индексот на трошоците на живот во 2025 година во однос на 2024 бележи пораст од 4,1 проценти, а индексот на цените на мало од 3,6 проценти.Движењето на индексот на трошоците на живот во 2025 година се разликува кај одделни групи на потрошувачката. Пораст на индексите е забележан во сите групи: Ресторани и хотели за 7,2 проценти, Рекреација и култура за 6,4 проценти, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 5,9 проценти, Храна и безалкохолни пијалаци за 5,2 проценти, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 4,6 проценти, Разновидни стоки и услуги за 3,7 проценти, Облека и обувки, Здравје за 3,1 проценти, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 1,8 процент, Комуникации за 1,3 процент, Транспорт за 0,8 проценти и Образование за 0,1 проценти.
ДЗС појасни дека зголемувањето на инфлацијата во декември 2025 година во однос на ноември 2025 година е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во групите: Транспорт за 5,8 проценти, Рекреација и култура за 0,8 проценти, Здравје за 0,7 проценти, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,5 проценти, Ресторани и хотели за 0,4 проценти, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,2 проценти, Разновидни стоки и услуги, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,1 проценти.
Во декември 2025 година во однос на ноември 2025 година намалување на трошоците на животот има во групите: Храна и безалкохолни пијалаци за 0,4 проценти и Облека и обувки за 0,2 проценти, а во Образование и Комуникации останале на исто ниво како и во претходниот месец.
МИА
Ново на Сител
-

58-годишник ја убил својата мајка во Богданци
-

ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од повторените избори за градоначалник во четири општини, тече рокот за жалби
-

Ристески: Се стабилизира пазарот на јајца, цените намалени
-

Си: Борбата со корупцијата е битка која Кина не смее да дозволи да се изгуби
-

Утре се празнува Стара Нова година и Василица
-

Уапсено лицето кое скрши стакло на бугарската амбасада во Скопје
-

Алиу: Бизнисите нема да се затворат, бидејќи со законот за заштита од пушењето не се забранува пушење цигари
-

Здравствените работници ќе може бесплатно да се вакцинираат против хепатитис Б
