Славески: Народната банка треба да добие механизми за ограничување на банкарските надоместоци

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, повика на разгледување на законски измени со кои на Народната банка би ѝ се овозможиле механизми за поголема заштита на корисниците на платежните услуги и за ограничување на одредени банкарски надоместоци, по примерот на повеќе европски земји.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Славески истакна дека платниот промет е услуга што секојдневно ја користат граѓаните и компаниите и затоа прашањето за висината на надоместоците заслужува поширока јавна и институционална дебата.
- Народната банка во моментов нема законска надлежност директно да ги регулира надоместоците што ги наплаќаат банките. Сепак, актуелните случувања покажуваат дека е потребно да се разгледаат можностите за дополнување на законската рамка, по примерот на повеќе европски земји каде што постојат механизми за заштита на корисниците и обезбедување фер и предвидливи услови за користење на платежните услуги, наведува Славески.
Тој посочува дека во голем број европски држави постојат механизми за регулирање или ограничување на одредени надоместоци и дека ваквите искуства можат да послужат како добра основа за јавна дебата и во земјава.
Според гувернерот, целта е граѓаните и компаниите да имаат пристап до ефикасни платежни услуги по разумни надоместоци, во согласност со современите европски практики.
Повикот на Славески доаѓа откако четири банки во земјава во изминатите денови најавија зголемување на надоместоците за услугите во платниот промет, што предизвика реакции во јавноста и отвори прашања за потребата од дополнителна заштита на корисниците на овие услуги.
МИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државен завод за статистика
-

Викендов се затвора конкурсот за шеф на ОЈО ГОКК - Пријавени се четворица кандидати
-

Мицкоски задоволен од растот на економијата - СДСМ обвинува за историско задолжување
-

Македонија под висок ризик за пожари: И ноќеска скопјани спиеја со затворени прозорци поради пожарот во Ѓорче Петров
-

Ристески: Со училишната кошничка едно семејство со два ученика заштедува и до 3.000 денари
-

Струја нема вода нема, револт во Чешиново
-

Да се инвестира во надоградување на домашните работници, а не да се увезува работна рака
-

Охрид ќе добие Младински Културен Центар
