Македонија
19. February 2016 - 16:31

Слободните и фер веродостојни избори се неопходност за Македонија - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за Телеграф

Постои итна потреба за предвремени избори во Македонија, законите мора да се почитуваат, а пред се мора да се почитува волјата на граѓаните, порачува во интервју за порталот Телеграф, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски. Тој вели дека е доволно да се излезе на улица за да се свати дека граѓаните сакаат излез од кризата која според него ја наметна СДСМ. Слободните и фер веродостојни избори се неопходност за Македонија, порачува во интервјуто лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.

- Законот за избори го донесоа сите четири најголеми политички партии уште во ноември минатата година. Тогаш се согласивме дека 24 април е најсоодветниот термин за излез од кризата. Од една страна обезбедува доволно време за исполнување на сите услови за одржување на фер и демократски изборен процес, а од друга страна не се развлекува кризата и последиците што сите ние секојдневно ги чувствуваме. Датумот произлезе и од договорот од Пржино на кој се согласија сите четири учесници во преговорите. Постои итна потреба за предвремени избори во Македонија. Без избори, земјата ќе стагнира. Економските резултати кои ги постигна Македонија се меѓу најдобрите во регионот, а тие резултатите беа поткопани од опозицијата преку кризната состојба. Опозицијата гледа поинаква Македонија. Македонија ја гледаат во постојана криза. Ние се бориме да заврши кризата. СДСМ се бори да ја пролонгира, вели груевски во интервјуто.

Претседателот на владеачката партија тврди дека неговата партија има програма за нови работни места, стимулирање на повисоки плати, програма за изградба на болници, обезбедување адекватна здравствена заштита, за изградба на инфраструктура, за младите, за подобра иднина, што според него не е е случај со опозицијата.

- СДСМ нема план. СДСМ нема програма. СДСМ нема визија. Тие едноставно креираат криза по криза по криза. СДСМ се претвори во „партија на кризи“. На изборите, на гласачкото ливче нема да има само кандидати и партии. Ќе има избор на визии и избор на тоа каква иднина македонските граѓани сакаат за себе и за своите деца. Изборот е од огромна важност. Не може да се одложи ниту да се негира. Визијата на ВМРО за иднината на Македонија се заснова на правото на народот да одлучува. Ја почитуваме волјата на граѓаните и мудроста на гласачите, порачува Груевски.
Запрашан дали сметате дека се исполнети условите за одржување на фер и демократски избори, Груевски вели дека двете најважни институции кои се најодговорни за одржување на изборите не се под контрола на ВМРО ДПМНЕ. СДСМ преку техничкиот министер Оливер Спасовски раководи со МВР, а за сите најважни одлуки обезбедуваат мнозинство и во ДИК, а токму од нив зависи и прочистувањето на избирачкиот список и обезбедувањето во предизборниот периодвели Груевски. . Тој очекува да се зголемат опструкциите од СДСМ, како што ќе се зголемува стравот на СДСМ од избори. Груевски вели дека нема да биде изненанден ако повторно се организираат штрајкови и демонстрации, за да се создаде криза и да се избегне пресудата на гласачите.

- Сме ги виделе и претходно ваквите тактики. Нивните обиди да им забодат нож во грб на македонските гласачи само што почнаа. Јасно е дека се работи за две многу различни визии. Визија на демократија и само-определување наспроти визија за саботажа и уценување. ВМРО верува дека на земјата ѝ се служи најдобро со стабилност и смиреност, вели Груевски во интервјуто.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ оценува дека Македонското општество има традиција на слободни и фер избори за што сведочат и извештаите на ОДИХР, ОБСЕ и Парламенатарното собрание на Советот на Европа. Тој порачува дека сите граѓани може да гласаат слободно, без никаков притисок или заплашување од страна на кој било кандидат или партија.

- Тие мора да изберат слободно. Заради тоа ги повикувам и охрабрувам сите функционери на ВМРО-ДПМНЕ да не помислат на вршење притисок или заплашување на гласачите, а и ги охрабрувам да испратат писмени упатства до нивните институции во иста насока, правото на глас е слободно.  ВМРО ДПМНЕ е сигурна во поддршката која ја има од граѓаните и она што го сакаме и бараме се слободни и фер избори, вели Груевски во интервјуто и ги повикува и останатите политички партии да се обврзат на истото. 

Груевски во интервјуто порачува дека ја поддржува слободата на медиумите, а слободата на изразување и информирање според него е клучна вредност на нашиот политички систем. Во однос на преговорите тој вели дека Македонија има закон усвоен по 8 месечна дебата со сите чинители. ВМРО – ДПМНЕ тврди Груевски разговара за измените кои ги бара СДСМ и е подготвена да прифати кој било закон од 28те земји членки на ЕУ. Изборниот законик посочува груевски е променет во консензус со опозицијата за еднакво претатсвување.

- Медиумите мора да бидат слободни и независни од какво било политичко, комерцијално или какво било друго влијание, злоупотреба или притисок, тие треба да може да ја извршуваат својата работа слободно. Тие играат клучна улога во нашето општество и ние сите мора да ја поддржуваме. Уредничката политика мора да биде единствено одлука на новинарот и ги охрабрувам сите медиуми секогаш да бараат различно мислење, алтернативни гледишта затоа што тоа е суштината на демократијата, вели Груевски.

Груевски во интервјуто оценува дека има разлика помеѓу ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ и во односот кон институциите. Додека опозицијата го напаѓа работењето на Јавното обвинителство, ВМРО – ДПМНЕ тврди Груевски во ниту еден момент не тргнале вцо омаловажување на СЈО:

Граѓаните знаат со какви се предизвици се соочуваше МВР и какви се резултати постигна под водство на Гордана Јанкулоска. Граѓаните знаат колку патишта и мостови се изградени и реновирани додека Миле Јанакиески го водеше ресорот Транспорт и врски.

Удар врз кредибилитетот на институцијата изврши токму Зоран Заев. Тој дури и на јавни собири ги најавуваше сите идни чекори на СЈО. ВМРО ДПМНЕ нема да поддржи незаконско и неуставно работење. Секој орган и секоја институција мора да делува во рамки на своите надлежности бидејќи никој не е над Уставот и законите, вели Груевски.  

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ порачува дека и понатаму ќе промовираат нови проекти и реформи, нови фабрики и нови работни места, а СДСМ може да продолжи да се обидува да промовира афери, манипулации и скандали. Ние ќе продолжиме да се бориме за стабилност и привлекување инвестиции, а тие нека продолжат да се обидуваат да конструираат кризи и тензии. Граѓаните на 24 април ќе го имаат последниот збор кога ќе треба да заокружат една од овие две понуди, завршува Груевски.