Македонија
23. November 2023 - 16:40

Случајот „Диво месо“ доставен до ОЈО

“Диво месо” стигна до Основното јавно обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ денеска со папка полна со документи што ги добиле од укажувач, доставија како што велат докази за случајот и “канцер мафијата” на Онкологија што царуваат и по обелоденување на скандалот.

- Денеска до Основното јавно обвинителство предадовме документи доставени од укажувач коишто посочуваат:

1. Дека и покрај скапите договори, не била доставувана навремено терапијата  за болните кои што се третирале на Клиниката, никој не ги предупредил оние кои што требаа да ја испорачаат и никој за тоа не одговарал, односно за работата на омилената фармацевтска куќа на власта.

2. Доставивме докази дека се создавале можеби фиктивни вишоци на лекови и терапии, тие биле нарачувани, а пациентите сепак не ги добивале.

3. Докази дека никој не водел евиденција каде и како завршувал вишокот од секоја отворена вијала, пакување, со што постојат сомнежи дека вишокот завршувал надвор од болницата, изјави Наум Стоилковски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од обвинителството велат дека побарале сите кои имаат докази за случајот да ги достават до нив и тоа денеска го направиле и од ВМРО-ДПМНЕ. Три месеци откако скандалот за препродажба на биолошка терапија и поигрување со судбината на најтешко болните ја потресе јавноста, нема никаков расплет освен најави дека доказниот материјал е обемен, треба нови вештачења и соработка со обвинители од регионот. Три месеци пациенти и нивни семејства со транспаренти стојат пред ОЈО барајќи правда и вистината да излезе на виделина.  

Засега нема епилог и од Анкетната Комисија во Собранието на која досега беа ислушани голем број сведоци и експерти поврзани со Онкологија. Имаат рок уште десетина дена да донесат заклучоци и да утврдат евентуално нечија политичка одговорност.

Од септември досега слушнавме многу тажни приказни и сведоштва на онколошки пациенти за немањето на терапија, барање мито, со саати чекање за преглед, судски процеси и најави за тужби...Но и по три месеци не се знае дали и кога ќе има истрага и кој ќе одговара.