Loading Video...
Балкан
8. January 2026 - 16:25

Снежно невреме и поплави во целиот регион

Снежно невреме, минусни температури и поплави ги зафатија сите земји од регионот.

Обилните снежни врнежи целосно ја парализираа Србија, вонредна состојба е прогласена во 6 општини, делови од државата се без електрична енергија, а критично е и во Белград, каде јавниот превоз во одредени делови е во прекин.

Државните институции издадоа предупредување и за утре и за време на викендот кога државата влегува во портокалово ниво на опасност со температури под нула.

-Ситуацијата се смирува по обилните врнежи од дожд и снег што ги погодија некои делови од Србија во текот на ноќта, но дека надлежните служби се уште се во состојба на готовност, апел за викендот, изјави Милан Коциќ, Раководител на Оперативниот сектор за вонредни ситуации на МВР.

Поплавите во Албанија ја земаа и првата жртва, откако едно лице било пронајдено удавено во Драч. Во градот се поплавени околи 800 куќи, а спасувачките екипи евакуираат жители од речиси целата држава.

Под вода се разбуди и голем дел од Косово. Поплавени се над 14 региони, каде има прекин на електричната енегрија и снабдувањето со вода, додека министерството за образование нареди сите училишта да останат затворени до 12 јануари. Екипите за итни случаи евакираа повеќе семејства од најпогодените региони.

„Се очекува температурата да падне уште повеќе вечерва и да стане постудена. Дури и сега, во овие моменти, го чувствуваме студот. Сепак, работиме на ова и се обидуваме да им помогнеме на граѓаните“, вели  Блерим Гаши, член на спасувачкиот тим за површински води.

Силен студен бран ја зафати и Хрватска со температури од дури -16 степени, што значително го забавува сообраќајот, а надлежните со итни предуредувања до граѓаните да избегнуваат непотребни излегувања.

Снежното невреме создаде проблеми и во Словенија и Босна и Херцеговина.