Македонија
11. October 2020 - 16:45

Со камера против дивите депонии

Преку видео надзор општина Ново Село почна да ги открива несовесните граѓани кои прават диви депонии.  Велат ова бил единствениот начин да се стави ред и конечно да почне да се решава овој проблем бидејќи диви депонии никнуваат во секое населено место. Ваквиот чекор веќе ги дал и првите резултати, камерите регистрирале голем број граѓани во повеќе населени места како го прават овој комунален прекршок. За почеток тие добиваат опомена, но доколку повторно бидат регистрирани ќе следува казна.

,,Има доста граѓани кои ги регистрираме. Прво ги опоменуваме и за пофалба можам да кажам дека по втор пат не се повторува веќе. Во едно населено место ако еден или двајца ги фатиме на камерата веќе сите граѓани го знаат тоа и се придржуваат спрема тоа.,, вели Никола Андонов - градоначалник на општина Ново Село.

Градоначалникот на општината вели дека тие се општина која го промовира еко руралниот туризам и затоа не смеат да си дозволат наместо природните убавини туристите прво га ги гледаат купиштата смет.

,,Ние се надеваме дека општина Ново Село ќе биде најразлична општина од сите други општини. Како што сме познати по туризмот така ќе бидеме познати и по немање на ѓубре во општината.,, вели градоначалникот Андонов.

Освен видео надзорот, од општината најавуваат и интензивни контроли на терен, но и санкции согласно законските прописи за сите кои ги прават комуналните прекршоци.