Македонија
27. October 2026 - 11:51

Со македонски пасош олеснето може да се патyва во 114 држави во светот

Македонските државјани имаат можност да патуваат до 114 странски дестинации без претходно да добијат виза или со користење поедноставени постапки за влез, покажуваат најновите податоци на платформата „Passport Reports“, ажурирани на 18 октомври 2026 година. Според рангирањето, македонскиот пасош се наоѓа на 64. место во светот, со индекс на мобилност од 57,6 проценти.

„Passport Reports“ објавува анализи за пасошите на 199 земји на 34 јазици, а рангирањето се заснова на можностите за патување во странство без виза, со виза по пристигнување или со други олеснети постапки за влез.

Од вкупно 198 странски дестинации опфатени со пресметката, за македонските државјани 79 се достапни без виза, во 29 може да се влезе со виза по пристигнување или со други олеснети аранжмани, а за шест е потребно електронско одобрение за патување. За преостанатите 84 дестинации е потребно претходно да се добие виза.

Во регионалното рангирање, пасошот на Србија е на 59. место, на Црна Гора на 65., на Албанија на 79., а на Косово на 93. место. На европската листа, македонскиот пасош е рангиран на 39. место меѓу 47 земји.

На одделната листа за гостопримливост, која ја оценува леснотијата со која странските државјани можат да влезат во одредена земја, Македонија се наоѓа на 89. место меѓу 199 држави. Ова рангирање се разликува од индексот на пасошите, кој го мери пристапот што македонските државјани го имаат до странските дестинации.

Според евиденцијата на „Passport Reports“, македонските државјани можат да патуваат без виза во Албанија и Србија, како и во сите 29 држави од Шенген-зоната.

Сепак, безвизниот режим не значи дека за патувањето не се потребни никакви дополнителни формалности. За Малезија е наведена обврска за пополнување картичка за пристигнување и можност за престој до 30 дена, додека за Суринам е наведена туристичка картичка и престој до 90 дена.

Египет е вклучен во категоријата дестинации со виза по пристигнување, со можност за добивање и електронска виза и наведен престој до 30 дена. За Сејшелите е потребно електронско одобрение за патување, односно туристичка регистрација, со наведен можен престој до 90 дена.

Во однос на влезот во Македонија, Министерството за надворешни работи наведува посебно олеснување за државјаните на трети земји кои поседуваат важечка повеќекратна шенгенска виза од типот Ц. Тие можат да престојуваат во земјава до 15 дена по влезот, под услов визата да важи најмалку уште пет дена по планираниот престој, при што важи ограничувањето од вкупно 90 дена во период од 180 дена.

Ова правило се однесува на странските државјани кои ја посетуваат земјава и не треба да се меша со условите за патување на македонските државјани во странство.

Иако Македонија не е членка на Шенген-зоната, нејзините граѓани имаат безвизен пристап до сите 29 дестинации во зоната.

На првите три места на ранг-листата на „Passport Reports“ се Обединетите Арапски Емирати, Сингапур и Јапонија, додека на последните три места се Авганистан, Сирија и Ирак. 

МИА