Македонија
7. April 2016 - 16:07

Собранието се распушти синоќа, избори на 5 јуни - аплауз на Бихаќка, музика пред ВМРО – ДПМНЕ

По неполни две години поминати во фотељите во сала Македонија, во македонското собрание, пратениците од актуелниот пратенички состав го завршија својот мандат. Еден час пред полноќ претседателот Вељаноски ги поздрави колегите со кои како што рече минал тежок период, но сепак успеале да остават резултати зад себе.

Преку заедничка фотографија се поздравии пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија. Координаторот Илија Димовски неколку часа пред распуштањето им се заблагодари на луѓето кои според него биле гарант на државните и националните интереси.

За разлика од пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицјата, опозиционерите, пратениците на СДСМ не беа присутни ниту на продолжението од последната 98 седница на овој пратенички состав. Наместо во сала Македонија, тие заминаа во партиското седиште. Неколку минути откако нивните колеги ја поздравија одлуката за распуштање, тие порачаа дека на избори на 5ти јуни нема да учествуваат.

Роковите сепка им даваат можност да го променат својот став. На 15 април претседателот на собранието потврди дека ќе го потпише решението за распишување на предвремени парламентарни избори.

- Согласно одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, јас како претседател на Собранието, водејќи се врз основа на уставните рамки за распишување на избори, одлучив Решението за распишување на предвремени парламентарни избори да го потпишам на 15 април, а изборите да се одржат на 5 јуни 2016 година, со единствена цел да се обезбедат услови за фер и демократски  избори, се вели со соопштението испратено од кабинетот на претседателот на македонското собрание.

Во соопштението Вељаноски апелира до граѓаните, до институциите, до политичките субјекти, да го дадат својот придонес за претстојните предвремени парламентарни избори да поминат во фер и демократска атмосфера со што уште еднаш ќе според него ќе се потврди дека ги почитуваме и споделуваме европските вредности.