Собранието треба да ги констатира оставките на Бислимовски и на Ристовска и да го избере Гоце Наумовски за нов уставен судија

Собранието денеска ќе ја одржи 85. седница на која се очекува да бидат констатирани оставките на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад Марко Бислимовски и на членот на Државната комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси Цвета Ристовска. На седницата исто така се очекува да се најде и изборот на Гоце Наумовски, за нов уставен судија. По усвојувањето на точките од дневниот ред следат два часа за опозициски прашања до премиерот и министрите.
На предложениот дневен ред на 85. седница засега се ставени две точки и тоа Предлог за именување на (непрофесионално ангажиран) член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување и Предлог на закон за органско земјоделско производство, во прво читање.
Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски својата оставка до Собранието ја достави на 12 февруари годинава барајќи од законодавниот дом да утврди престанок на функцијата, без да образложи зошто го бара тоа.
Мандатот на Бислимовски, кој вторпат е на чело на РКЕ, му истекува во јуни 2028 година. Управата за финансиска полиција (УФП) пред неколку недели поднесе кривична пријава за Бислимоски сомничејќи го за злоупотреба на службената положба и овластување.
Членот на ДКСК Ристовска испрати допис до Собранието следниот ден, на 13 февруари, во којшто наведува дека по недели јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа донела одлука да поднесе неотповиклива оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси.
- Во текот на целата моја професионална кариера, вклучително и работењето во Комисијата, својата работа ја извршував законито, совесно и со најдобра намера. Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации во моето работење во Комисијата, во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси, барав изземање во согласност со законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет, напиша Ристовска во оставката.
Оставката на Ристовска следува откако некои медиуми минатата недела објавија дека ДКСК отворила два предмети против неа, поврзани со непријавување на фирмите на нејзините деца во анкетниот лист и потенцијален судир на интереси.
По констатирањето на оставките треба да биде свикана седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата која треба да распише огласи за избор на нов претседател на РКЕ и за нов член на Антикорупциска.
Минатата недела Комисијата за нов уставен судија го предложи проф. д-р Гоце Наумовски, професор на Правниот факултет на УКИМ во Скопје, кој доаѓа на местото на уставната судика Јадранка Дабовиќ Анастасовска која од лични причини поднесе оставка на фукцијата во декември минатата година.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на понеделничкиот брифинг со новинарите најави дека предлог дневниот ред на седницата би можел да биде дополнет.
МИА
Ново на Сител
-

Собранието го избра Гоце Наумовски за нов уставен судија
-

Владата се откажува од намерата да купи нов авион
-

Први притвори во Македонија за петте тони марихуана фатена во Србија
-

Дисквалификуваниот Панчевски поднесе кривична до Советот на јавни обвинители
-

Судење за оддавање службена тајна: Димитровска тврди, случајот е последица на ревизорскиот извештај за СЈО
-

Состојбата во ЈСП Скопје е алармантна, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
-

Кога ќе се научат фирмите дека се продаваат поскапи производи, тешко се враќаат назад, вели Димитриеска Кочоска
-

Преглед на вестите од светот
