Собранието утре гласа за нови членови на КЗСД - граѓанскиот сектор обвинува за партизација на институцијата
Собранието утре треба да гласа за изборот на новите тројца членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација кои го поминаа комисискиот филтер. Пред пратениците се кандидатурите на Лимко Бејзароски, Наташа Амдију и Џихан Ахмед.
Изборот и јавните интервјуа на кандидатите предизвика бројни реакции. Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира дека Собранието продолжува да ја партизира Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Според нив кандидатурата на Џихан Ахмед е спорна и некомпетентна, не ги исполнува законските услови, ниту пак ја познава содржината на Истанбулската конвенција како темел за заштита од родово-базирано насилство и нееднаквоста на жените.
Мрежата ја оценува номинацијата на кандидатката Џихан Ахмед како несериозна и понижувачка за сите граѓани на државата. Во време кога постојано се зборува за партизација на институциите, Собранието одлучува да именува некомпетентни лица во институција која треба да ги заштитува најранливите категории на граѓани, стои во реакцијата.
Претставувањето на Ахмед предизвика незадоволство, особено во делот кога од неа беше побарано да образложи на кој сегмент од Истанбулската конвенција ќе се посвети во нејзиното работење како дел од Комисијата.
По реакциите од СДСМ, и од Левица најавија дека нема да гласаат за нејзин избор на утрешната седница, обвинувајќи за брутална партизација на институцијата со нестручни кадри.
Станува збор за кандидат кој не ги исполнува законските услови за избор - нема минимум седум години работно искуство во областа на човековите права, нема релевантно искуство, а на јавната расправа демонстрираше елементарно непознавање дури ни на надлежностите на самата Комисија, како и на основни меѓународни документи како Истанбулската конвенција, иако магистерските студии ги завршила во насоката за меѓународно право и односи.., велат од Левица.
Комисијата е составена од седум члена, кои ги избира и ги разрешува Собранието, со мандат од пет години.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
