Македонија
8. October 2026 - 13:20

Сообраќајната полиција доби 33 нови „Piaggio Beverly 310“ вредни над 270.000 евра

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Горан Ангеловски, денеска присуствуваа на официјалното предавање на 33 нови полициски мотоцикли и комплетна заштитна опрема, обезбедени од РСБСП за потребите на Министерството за внатрешни работи.

Станува збор за 33 мотоцикли од марката „Piaggio Beverly 310 HPE“, во полициска изведба, и исто толку комплети мотоциклистичка опрема, кои вклучуваат заштитни кациги, јакни, панталони, чизми и летни и зимски ракавици. Вкупната вредност на набавката изнесува 16.845.561 денари, а новата опрема ќе придонесе за поголема мобилност, поефикасно регулирање на сообраќајот и подобри услови за работа на полициските службеници.

Министерот Тошковски истакна дека оваа набавка е уште еден конкретен резултат од успешната соработка меѓу МВР и РСБСП, институции кои имаат заедничка цел – континуирано унапредување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви на патиштата.

„Денеска не зборуваме само за 33 нови мотоцикли и опрема, туку за дополнително зајакнување на капацитетите на сообраќајната полиција и за уште еден чекор кон побезбедни патишта. Ова е пример како треба да функционира меѓу институционалната соработка – со конкретни проекти и резултати што граѓаните ќе ги почувствуваат. Заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата продолжуваме да вложуваме во опрема, технологии и превенција, затоа што безбедноста на секој учесник во сообраќајот е наша заедничка одговорност“, истакна министерот Тошковски.

Тој нагласи дека модернизацијата на сообраќајната полиција е дел од поширокиот пристап на Министерството за унапредување на сообраќајната безбедност, во кој значајно место има и системот „Безбеден град“.

„Со проектот ‘Безбеден град’ веќе покажавме дека современите технологии, доследното спроведување на законите и одговорното однесување на граѓаните можат да донесат вистински промени во сообраќајната култура. Резултатите што ги бележиме во намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди, повредени и загинати лица ни даваат дополнителен мотив да продолжиме со уште поголем интензитет. Но, сакам да потенцирам нешто што е многу поважно од секоја статистика – зад секоја бројка стои човечки живот, нечие семејство, нечие дете, родител или пријател. Ако со сите овие мерки, со новата опрема, со ‘Безбеден град’ и со нашата секојдневна работа успееме да спасиме макар и еден човечки живот, тогаш секој вложен денар и секој вложен напор вределе. Тоа е суштината на нашата работа и најголемата мотивација да продолжиме“, порача Тошковски.

Претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски, истакна дека Советот и оваа година, во рамки на своите законски надлежности, издвојува средства за модернизација и опремување на организациските единици на МВР задолжени за контрола и регулирање на сообраќајот.

„Во рамките на редовните активности за модернизација, со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Републичкиот совет и оваа година наменува дел од средствата за опремување на организациските единици на МВР задолжени за сообраќајна контрола. Со набавката на 33 полициски мотоцикли и комплетна мотоциклистичка опрема, во вкупна вредност од 16.845.561 денари, значително се зајакнуваат капацитетите за регулирање на сообраќајот и унапредување на безбедноста на патиштата. Овој пример уште еднаш ја потврдува вредноста на меѓу институционалната соработка“, истакна Ангеловски.

На крајот, министерот Тошковски и претседателот Ангеловски ја потврдија заедничката определба за продолжување и продлабочување на соработката меѓу МВР и РСБСП, преку нови инвестиции, превентивни активности и проекти насочени кон подигнување на сообраќајната култура.

Заедничката порака е дека безбедноста во сообраќајот не се постигнува со една мерка или една кампања, туку со постојана работа, современа опрема, ефикасна контрола и одговорност од сите учесници во сообраќајот. Крајната цел е јасна – помалку сообраќајни незгоди, помалку повредени и загинати и повеќе спасени човечки животи.