Македонија
24. March 2026 - 16:32

Спасен видот кај 16 пациенти со трнасплантација на рожница

На 13-годишен тинејџер му е спасен видот со пресадување на рожница. Тој е најмладиот пациент на Клиниката за очни болести кај кого изминатите денови била извршена оваа интервенција.  

-Видот во моментот му беше загрозен и тоа е една состојба во којашто доколку не се направи овој тип на интервенција, ќе има траен губиток, односно може да перфорира окото, односно може да го изгуби видот, вели д-р Наташа Трпевска Шеќеринов, директор на Клиника за очни болести.

Освен момчето деновиве видот бил спасен и уште кај уште 15 пациенти кои имале потреба од трансплантација. Затоа мора да се зголеми свесноста за органодарителството, апелираат лекарите.

-Значи трансплантацијата, покрај тоа што спасува живот, гледаме дека и го подобрува квалитетот на живот. Имаме пациенти коишто биле слепи, а сега ги излекуваме од слепило. Меѓутоа, сето тоа е благодарејќи на донирани ткива, изјави проф. Д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.

За овие 16 пациенти и првите 9 на кои им беа направени трансплантации во ноември, рожниците се донација а интервенциите ги прават македонски тимови во соработка со американски експерти со кои ќе работат уште една фаза.

-После тоа се договоривме со директорката на клиниката во делот на здравствени услуги да биде односно да влезе и трансплантација на рожница, изјави Азир Алиу, министер за здравство.

-Колку и да има потреба трансплантации да се направат, да се направат со домашни ресурси кога ќе се создадат услови за тоа, изјави Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување. .

Експертите велат дека овие интервенции се подвиг за офталмологијата во државата, особено за Клиниката за очни болести.