Македонија
28. јуни 2026 - 19:46

Спорни тендери во кочански „Водовод“

Независните советници во Советот на општина Кочани од коалицијата  „Доста беше“ обвинуваат за нерегуларности во работењето на ЈКП „Водовод“. Сериозните обвинувања се однесуваат на криминал во јавните набавки и непотизам.

Тендер распишан од претпријатието вреден 50.000 евра за набавка на резервни делови го добила фирма чија сметка во тој момент била блокирана.

-Прашањето кое се поставува е, како оваа фирма ги исполнува условите да учествува во тендерска постапка и како оваа фирма со дејност послужување на храна, ќе го обезбеди „Водовод“ со авто делови за товарни возила, во износ од 1.384.000 денари. За ситуацијата да биде уште поапсурдна, истата компанија ќе обезбедува сервисни услуги во износ од 900.000 денари, изјави Филип Цветанов, Советник во Совет на општина Кочани.

Нешто повеќе од 1 милион денари се предвидени за такси услуги на претпријатието. И за овој тендер советниците искажаа сомнеж дека се работи за местенка.

-Едната компанија ДС такси Џокер нуди цена од 4,680 денари дневно и Петровски ДОЕЛ, позната како „Такси Ројал“ со цена за услуга од 2.575 денари дневно, цена двојно пониска од првата, а избрана е фирмата која понудила двојно повисока цена, изјави Никола Крстев, Советник во Совет на општина Кочани.

Директорот на КЈП „Водовод“, Дејан Анакиев изјави дека изборот на најповолен понудувач е направен според законските критериуми, согласно тендерската документација, без фаворизирање, влијание или судир на интереси.

-Во предметната постапка за такси превоз беа доставени 2 понуди од економски оператори. По спроведената евалуација на Комисијата за јавни набавки беше утврдено дека една од понудите не е изработена согласно барањата и упатствата содржани во тендерската документација, односно, во техничката понуда биле наведени финансиски елементи, што е спротивно на пропишаниот начин за изработка и поднесување на понудата, изјави Дејан Анакиев, директорот на КЈП „Водовод“ - Кочани.

Во интерес на вистината, советниците ги повикаа граѓаните сами да ги проверат документите јавно објавени на веб страницата на Бирото за јавни набавки.