Срдановиќ: Нема да ги злоупотребуваме отворените прашања со Хрватска

Новата власт во Србија нема да ги злоупотребува отворените прашања со Хрватска, како што тоа го правеа поранешниот претседател Александар Вучиќ и одредени српски медиуми – изјави за Хина Илија Срдановиќ, носителот на победничката Студентска листа на парламентарните избори во Србија.
– Односите меѓу Србија и Хрватска делумно се оптоварени со проблеми за чие решавање претходната гарнитура на властите не придонесе со ништо – напротив, честопати ги влошуваше. Ние ќе настојуваме да не ги злоупотребуваме за дневнополитички цели, како што тоа го правеа Александар Вучиќ, неговите соработници и одредени медиуми, туку да развиваме нормални, демократски и пријателски односи – изјави Срдановиќ за Хина.
Тој рече дека надворешната политика, пред сè во односите со соседните држави, мора да се заснова на принципите на цивилизиран дијалог и државничка одговорност, притоа посебно истакнувајќи ги односите меѓу Загреб и Белград.
– Прво мора да градите добри односи со соседите, бидејќи во спротивно не можете да очекувате добри односи ниту со големите земји и светските сили – рече Срдановиќ.
Тој особено ги нагласи своите добри лични врски со колегите од Хрватска.
– Лично можам да кажам дека целата моја досегашна стручна и меѓучовечка соработка со колегите од Хрватска се заснова на најдобро меѓусебно разбирање и дека ќе настојувам тоа да го воспоставам и на секое друго можно ниво, како и во билатералните односи, бидејќи само така можеме да градиме и развиваме нормален соживот – изјави Срдановиќ за Хина.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ утрото по изборите телефонски разговарал со Илија Срдановиќ и му ја честитал победата.
– Оние што победија имаат многу цврст и јасен мандат, како и поддршка од граѓаните да ја преземат одговорноста за Србија. Им посакуваме успех во работата. Се надеваме дека и тој дел од надворешната политика, кој се однесува на односите со соседните земји, ќе биде во нивниот фокус – изјави подоцна Пленковиќ пред новинарите, истакнувајќи го очекувањето дека односите меѓу Хрватска и Србија во иднина ќе бидат подобри.
Угледниот новосадски кардиолог и универзитетски професор Илија Срдановиќ беше прв на листата „Студентската листа – Студентите победуваат“, која на предвремените парламентарни избори во Србија, одржани на 25 октомври, оствари убедлива победа. Според сè уште нецелосните официјални резултати, листата освои повеќе од половина милион гласови повеќе од листата на поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, и владејачката Српска напредна партија.
МИА
Ново на Сител
-

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања
-

Над 5.000 договорци ќе добијат шанса за редовно вработување - поднесен нов закон
-

Ако не се најде решение за превозниците, ќе нема кој да ја испорача стоката до Унијата
-

На Неврологија третирале 16 годишен пациент со мозочен удар
-

Потпишана Националната програма за достоинствена работа
-

СДСМ: Историска победа во Србија – ќе се расчистат криминалите во Македонија
-

ВМРО-ДПМНЕ: Промените почнаа кога падна Заев
-

Бесплатни прегледи на Клиниката за неврологија
