Средношкоците од Струмица на свој начин ги одбележаа новогодишните и божиќните празници
Девет години по ред струмичките гимназијалци новата година и божиќните празници ги честитаат на свој начин, со хуманитарни концерти. Тоа го направија и оваа година, а за љубителите на добрата музика овој пат ги одбраа најпознатите диско хитови од седумдесетите и осумдесетите години. АББА, Бони М, Модерн Токинг беа само дел од изведувачите со чија што музика се играше и пееше и на сцената и во публиката. Во изминатите осум години собраните средства беа донирани во хуманитарни цели, а оваа тие ќе бидат наменети за опремување на кабинетот по музика на СОУ ,,Јане Сандански,,.
,, Училиштето многу пати оваа година се докажа на хуманитарен план. Учествувавме во сите хуманитарни акции, се собраа доста финансиски средства, се собраа доста прехранбени продукти за оние на кои им требаат. Исто така се организираше крводарителска акција, така да сметам дека средствата кои ќе бидат наменети оваа година за опремување на музичкиот кабинет воопшто нема да одат на погрешно место. Овие деца веќе девет години во импровизирани услови секоја сабота, за викенд кога сите одмараат тие не го штедат своето време.,, вели НЕВЕНКА СТОЈАНОВА – ДИРЕКТОР НА СОУ ЈАНЕ САНДАНСКИ - СТРУМИЦА
На концертот настапија околу 70 ученици кои покрај музичкиот дел се потрудија на сцената да пренесат и дел од начинот на живот во времето кога биле создавани хитовите што ги изведуваа.
,, Ние направивме една мешавина да кажам од седумдесетите и осумдесетите години и на ритмови од диско музика.,, рече ДЕНИС КИРЧАНОВ ПРОФЕСОР ВО СОУ ЈАНЕ САНДАНСКИ
,, Тука се сите ученици, пејачите, оркестарот, бендот, ритмичката група.,, рече АНИТА СТАНКОВСКА ПРОФЕСОР ВО СОУ ЈАНЕ САНДАНСКИ
,, Цел месец вежбаа децата. Воедно се и солисти и играчи.,, рече ПОЛИНА АШИКОВА – ПРОФЕСОР ВО СОУ ЈАНЕ САНДАНСКИ
Наместо планираниот еден, синоќа беа одржани два концерти, а поради големиот интерес од страна на публиката за вечерва е закажан уште еден.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
