Македонија
7. February 2026 - 16:36

Срушениот потпорен ѕид на штипска Клиничка отворена закана за пешаците и возачите

Општината и штипска Клиничка бараат решение за санација на потпорниот ѕид, кој пред 10 дена се сруши и затрупа две возила. Во моментот се прават пресметки за вредноста на инфраструктурниот зафат, зашто се работи за конструкција изградена пред 70-тина години и претставува вистинска опасност за возачите и пешаците.

- Ѕидот е дотрајан. Сега тој дел ќе го поправиме и ќе гледаме нај ургентните делови што се, да можат да се поправат. Има фирма што прави сондажа и испитување, кој дел прв да се санира, кое би било најприфатливо решение и колку финансиски, општината и болницата, можеме да дадеме максимално од нас. Ние би сакале целиот ѕид да го поправиме, но целиот ѕид е 300 метри, изјави Владко Захариев, директор на Клиничка болница- Штип.

Ѕидот е во сопственост на болницата, но сигурноста на улицата е во надлежност на општината. Според градоначалникот, локалната самоуправа мора да реагира и да изнајде трајно и функционално решение и за болницата и за пациентите, но и да гарантира сигурност за жителите на околните куќи. 

- Долж потпорниот ѕид ќе дојде до проширување на сообраќајницата и изградба на нов потпорен ѕид, за да се овозможи побрз пристап и до Клиничка, но и до домовите, а и обезбедување на повеќе паркинг места, изјави Иван Јорданов, градоачалник на Штип.

Потпорниот ѕид падна поради свлечиште предизвикано од континуираните врнежи од дожд.