Македонија
15. November 2025 - 16:44

Старт ап центар за студентите на УГД-Штип

Со цел младите да се поттикнат да размислуваат за своја бизнис идеја и да започнат сопствен бизнис, на штипскиот Универзитет ќе се отвара Старт ап Центар. Преку иницијативата УГД е со намера да создаде млади креатори, кои ќе бидат двигатели на економијата, а не само пасивни следбеници. 

- УГД во изминатиот и во перодот што следува активно ќе работи на градење на иновациска и прептриемачка инфраструктура, да креираме еден систем кој што ќе им помогне на студентите да бидат креативни, да размислуваат, да станат претприемачи и успешно да основаат свои компании, изјави проф. Дарко Лазаров, Економски факултет, УГД- Штип.

Новата модерна инфраструктура е во целост поддржана од Европската универзитеска алијанса, каде УГД е активен чинител и партнер.

- Целта на Универзитетот е целото знаење кои го имаат нашите универзитетски партнери од ЕУ да го пренесме овде на нашите студенти, да креираме позитивни промени, односно, услови кои ќе им помогнат на младите претприемачи да бидат успешни во своите професии, додаде Лазаров.

Во ерата на глобализацијата и дигитализацијата, младите имаат пристап до новите технологии и информациите.

- Имаат мотивација, но она што секако недостасува е да изградиме еден комплетен систем, а јас мислам дека УГД може да го понуди тоа за нашите студенти и сум убеден дека резултатите ќе бидат за кратко време видливи, изјави Лазаров.

Центарот ќе обединува неколку хабови и инкубатори на различни факултети, каде студентите ќе добијат менторска поддршка и насоки за успешно развивање на своите креативни идеи.