„Стоп за Усје“ – Граѓаните бараат дислокација на цементарницата
Со 10 барања, меѓу кои и дислокација на Цементарница Усје, група граѓани ги блокираа булеварите Борис Трајковски и Србија, на само 100-тина метри од главниот влез на фабриката.
Сметаат дека Усје е најголемиот загадувач на воздухот во главниот град кој, со исклучок на денеска, во изминатите две недели беше токсичен. Скопјани поддршка добија и од еко-активисти од другите градови кои во изминатиот период водеа свои локални битки.
Протестот против Цементарница Усје беше причина седницата на Советот на Град Скопје да биде прекината. Градоначалникот Ѓорѓиевски вели дека го поддржува протестот, но не можел да присуствува.
Граѓаните поддршка добија и од градоначалникот на Центар.
Tитан Усје ги отфрла обвинувањата дека придонесува за загадувањето на воздухот во Скопје, уверувајќи дека работи согласно највисоките европски еколошки стандарди.
Од компанијата велат дека користат најдобри достапни техники во производството на цемент и дека нивната технологија е споредлива со водечките компании во Европската Унија. А-Интегрираната еколошка дозвола, која ја поседува Цементарницата, според компанијата, значи и 24-часовен мониторинг на издувните гасови.
- Целосно ги отфрламе неоснованите обвинувања кон Титан Усје, кои не се засноваат на факти и на научни податоци. Научните истражувања, направени од независни домашни и странски експерти, покажуваат дека квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопската котлина е под силно влијание на метеоролошките услови (струење на воздух, висока влажност, температурна инверзија и сл.), а од антропогените фактори влијанијата од индустријата имаат помало влијание од затоплувањето на домовите и јавните објекти, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено.
Здружението „Стоп за Усје“ кое стои зад протестите најави дека по празниците ќе ги интензивираат своите активности, за кои кажаа дека е почеток на крајот за Цементарницата.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
