Македонија
21. July 2025 - 13:52

Струга ќе добие Центар за аутизам, третманите ќе бидат бесплатни

На површина од над 100 метри квадратни во адаптиран и уреден простор од септември ќе почне со работа првиот Центар за аутизам во Струга.

Отворањето на Центарот е на иницијатива на Советот на Општина Струга, и според претседателката Арбреша Влаши, ќе обезбедува оптимални услови за терапија и развој на децата со атипичен развој.

- На почеток предвиден е капацитет за третман до 40 деца на возраст од една ипол до осум години, за што ќе бидат ангажирани со договор на дело по двајца дефектолози и психолози и еден логопед. Дечињата ќе добиваат услуги на македонски, албански и на турски јазик, истакна Влаши за МИА.

Покрај специјализирани третмани за децата, Центарот, како што појасни, ќе нуди поддршка и психолошки третман и за родителите, како и насоки и совети како треба да работат со дечињата со атипичен развој дома и околу начинот на исхрана.

Третманите за децата и родителите, нагласи, ќе бидат бесплатни, односно режиските трошоци ќе ги покрива Општина Струга.

Иницијативата, нагласи Влаши, произлегла од честите барања на родителите на деца со аутизам за финансиска помош од Општината за покривање на дел од трошоците што ги плаќаат за третмани.

Центарот ќе го води Здружението за поддршка и третман на деца со аутизам и атипичен развој „Bright Steps“ од Струга, кое потпиша договор за соработка со Општина Струга.

 

МИА