Македонија
23. August 2026 - 16:41

Струмица ќе инвестира 30 милиони денари во нов озонатор за фабриката за вода

По цели 25 години, фабриката за преработка на вода во Струмица ќе добие нов озонатор. Новата опрема е инвестиција вредна околу 30 милиони денари и треба да биде инсталирана до крајот на оваа година, а нејзиното официјално ставање во употреба се очекува на почетокот на 2027.

И покрај тоа што фабриката располага со два озонатори , во моментов во функција е само едниот  од нив. Според градоначалникот Петар Јанков, станува збор за клучна инвестиција која директно ќе влијае врз подобрувањето на квалитетот на водата за пиење.

Покрај озонаторот, од општината најавуваат и замена на цевоводниот систем во кругот на филтер станицата. Станува збор за мрежа поставена уште во седумдесеттите години од минатиот век  која поради староста од околу половина век редовно предизвикува технички проблеми и дефекти. 

Од локалната самоуправа уверуваат дека и во моментов водата во Струмица е потполно безбедна и ги исполнува сите пропишани стандарди за здрава вода за пиење. Сепак, со реализацијата на овие инвестиции, градот долгорочно ќе добие уште поквалитетен и постабилен систем за водоснабдување.