Македонија
26. November 2025 - 12:23

Струмица се приклучи на глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените и девојчињата“

Во наредните 16 дена општинската зграда во Струмица ќе биде осветлена во портокалово, како симбол за поддршка на кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените и девојчињата“. Со осветлувањето,  официјално започна и локалното одбележување на глобалната кампања  која секоја година се спроведува од 25 ноември до 10 декември и има за цел да ја подигне јавната свест за различните форми на насилство врз жените и девојчињата.

За градоначалникот Петар Јанков, портокаловата светлина го означува колективниот став дека Струмица е град кој не го свртува погледот од проблемот, туку стои цврсто на страната на жртвите и во одбрана на нивните права. Јанков посебен акцент стави на дигиталното насилство, кое се повеќе се шири во онлајн просторот и порача дека оваа појава мора да се препознае, осуди и спречи.

Дека дигиталната безбедност мора да биде приоритет порача и Стојне Митева од Здружението „Скај Плус“. Таа потенцираше дека бројот на жени и девојчиња кои секојдневно се соочуваат со дигитално насилство постојано расте и затоа е неопходна поголема едукација, поддршка и институционална реакција.

Во рамки на кампањата „16 дена активизам“ во Струмица ќе бидат реализирани повеќе активности , работилници, средби со граѓани, едукативни настани, со единствена цел,  поголема информираност, превенција и поттикнување на пријавувањето на насилството.