Струмичанец ќе одговара за преземање фотографии од свои сограѓанки
Фотографии од четири струмичанки на возраст од 24 до 38 години без нивна дозвола и знаење завршиле на сајт за возрасни. Материјалите биле преземени од нивните лични Фејсбук профили, а потоа поставени страната. За злоупотребата на личните податоци се сомничи 26 годишно лице од Струмица против кого СВР Струмица поднесе и кривична пријава.
„Пријавениот во февруари 2020 година од четири женски лица на возраст од 24, 25, 26 и 38 години, сите од Струмица, прибавил нивни лични податоци (фотографии), кои што претходно ги објавиле преку нивните профили на социјалната мрежа Фејсбук и ги искористил за да ги објави во албуми креирани од негов кориснички профил на сајт за возрасни.“ вели Александра Г. Трајанова – портпарол на СВР Струмица
Случајот во полиција го пријавиле оштетените. Откако биле преземени неопходните оперативни мерки, на деветти овој месец полицијата направила претрес на две локации во Струмица каде што живее и престојувал пријавениот. За време на претресот пронајдени се и одземени мобилни телефони и друг доказен материјал од интерес за понатамошно водење на постапката, а 26 годишниот струмичанец е приведен во полициска станица.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
