Македонија
23. August 2022 - 19:40

Струмичките земјоделци бараат исплата на ветените пари за пролетната зелка - МЗ: Парите се обезбедени, а со тоа и исплатата

Земјоделците  од струмичко бараат итна исплата на интервентната мерка за пролетната зелка која им беше ветена поради ниската откупна цена на пролетниот турнус. Реагираат бидејќи и после четири месеци од најавата тие немале никакви информации ниту кога,  ниту пак под кои услови ќе ги добијат средствата. Драги Памуков кој беше дел иницијативната група формирана после протестите на земјоделците вели дека последниот состанок со надлежните го имале на почетокот на јули и од тогаш немаат никакви информации.  

Земјоделците се револтирани бидејќи трошоците за производство годинава им биле зголемени неколку пати поради што веќе биле доведени на работ на издржливоста.

Од министерството за земјоделие порачуваат земјоделците од струмичко да бидат спокојни бидејќи  средствата биле обезбедени , а со тоа и исплатата била загарантирана.

,, Со ребалансот на буџетот, обезбедени се нови дополнителни 500 милиони денари за Интервентниот фонд, од кои околу 60 милиони денари се наменети токму за поддршка на производителите на пролетна зелка. Во моментов Министерството ги дообработува дополнителните мерки од Интервентната програма која ги опфаќа сите земјоделци вклучувајќи ја и мерката за поддршката на производителите на зелка. Ова значи дека исплатата е загарантирана, со оглед на тоа што парите се обезбедени. МЗШВ дополнително ќе извести за условите и динамиката на исплата.,, информираа од земјоделие

Ветувањето за интервентната мерка производителите на зелка го добија во текот на април кога поради ниската откупна цена тие излегоа на протести и со механизација го блокираа центарот на Струмица.