Студентите во блокада во Србија организираат протест во Белград

Студентите во блокада во Србија ги повикаа граѓаните на Србија на денешниот голем протестен митинг во Белград под мотото – „Ти и јас, Славија“, како дел од кампањата „Студентите победуваат“, од каде ќе побараат одржување вонредни парламентарни избори и демократизација на земјата.
Студентите најавија дека собирањето ќе започне во 13:00 часот на четири локации во Белград, а протестот на Славија е планиран од 18:00 до 20:00 часот.
По кампањата на студентското движење „Студентите победуваат“ веќе неколку недели следува контракампања на поддржувачите на владејачката Српска напредна странка под слоганот „Србија победува“, што често предизвикува тензии и повремени инциденти на улиците.
Студентското движење произлезе од антивладините протести, поттикнати од смртта на 16, претежно млади луѓе, при падот на бетонска настрешница на новореновираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, како и повеќемесечната блокада на 60 факултети на сите четири државни универзитети – во Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац.
Со протестите се бараше одговорност на властите, одговорна работа на државните институции и судството, како и распишување вонредни парламентарни избори (првпат објавено во мај 2025 година) што треба да придонесат за демократизација на земјата. Но, и покрај бројните апсења и обемните истраги, судскиот процес во врска со трагедијата во Нови Сад не напредуваше значително.
Од почетокот на студентските блокади – на крајот на ноември 2024 година – на Славија се одржаа три масовни собири.
Првиот се одржа на почетокот на блокадата на факултетите на 22 декември 2024 година, кога 100 илјади граѓани и студенти се собраа на плоштадот. Следниот се одржа на 15 март лани и тој е најмасовниот во поновата историја на Србија. Последниот се одржа на Видовден на 28 јуни 2025. со фокус на избори и институционалната одговорност за падот на бетонската настрешница и според проценките, на Славија беа присутни околу 170 илјади луѓе.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во четвртокот објави досега најпрецизна изјава дека изборите ќе се одржат во периодот од крајот на септември до средината на ноември повторно повикувајќи ги „блокадерите“ на дијалог.
Според законот, редовни избори за пратеници во Србија мора да бидат распишани на 8 ноември 2027 година (90 дена пред истекот на мандатот), а да се одржат 45 до 60 дена подоцна. Според тоа, постојат само два можни датума за одржување на парламентарни избори – 26 декември 2027 година и 2 јануари 2028 година.
Претседателските избори се одржаа на 3 април 2022 година, а претседателот на Србија, Александар Вучиќ, положи заклетва на 31 мај, официјално започнувајќи го својот втор петгодишен мандат. Одлуката за распишување претседателски избори се донесува 90 дена пред истекот на мандатот на претседателот на Републиката, а од денот на распишување на изборите до денот на гласањето не можат да поминат помалку од 30, ниту повеќе од 60 дена. Тоа значи дека изборите за претседател на Србија мора да бидат распишани на 2 март 2027 година и да се одржат на 4, 11, 18 или 25 април истата година.
Под услов да нема вонредно гласање, ќе има пауза за гласачите најмалку до 17 октомври 2027 година, кога ќе можат да се одржат најрано редовни локални избори во 65-те градови и општини што гласаа на 17 декември 2023 година.
Протестот што студентите во блокада го организираат денеска на Славија би можел да има поинаков карактер од претходните големи собири, бидејќи може да се очекува да има појасен фокус, подефинирани пораки и навестување за насоките во кои би можело да се движи студентското движење во наредните месеци, наведуваат аналитичари во Србија.
Студентите досега строго ја исклучија можноста за формирање заедничка листа со опозицијата на евентуални избори.
Меѓу опозициските партии во Србија, засега присуство на митингот на Славија го потврди Зелено-левиот фронт, кои неодамна објавија дека ќе ја поддржат студентската листа доколку изборите се одржат во јуни или јули.
Претседателот на Движењето на слободни граѓани (ДСГ), Павле Грбовиќ, изјави дека ќе присуствува на протестот, но додаде и дека членовите сами да одлучат дали сакаат да дојдат.
Лидерот на Националното движење на Србија, Мирослав Алексиќ, рече дека неговата партија го поддржува „секој протест против режимот“.
Студентите се поддржани од Демократската партија и вонпарламентарното движење „Крени-промени“ и „Двери“.
Дел од проевропската опозиција, вклучувајќи ги ДСГ и Партијата за слобода и правда, сè уште не одлучиле дефинитивно дали и како ќе учествуваат на изборите или ќе разгледаат можност за поддршка на студентската листа.
Ново на Сител
-

Европските пари ги судрија математиките на власта и опозицијата
-

Случајот „Мазут“ на повторно разгледување по жалбата на ЕСМ
-

Власта го помина новиот заем во Комисијата за финасирање и буџет - СДСМ се повлече од работата, најави интерпелација за Гаши
-

СДСМ не учествува на комисијата за новиот заем од 260 милиони евра
-

Собраниска дебата за европската интеграција на Македонија
-

Сали: Реформите ќе се спроведуваат со уште позасилено темпо
-

ВМРО-ДПМНЕ: Приговорот на ЕСМ е доказ дека Коларевиќ и Абази постапиле непрофесионално
-

Во младите е клучот за развој на турзимот
