Македонија
29. July 2025 - 13:38

Студентскиот дом „Кузман“ готов до 2026та, во план е да се реновираат сите студентски домови

Идната година ќе почне сместувањето на студентите во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје кој се реконструира од минатата пролет.

Владата со помош на Европската Унија преку Германската развојна банка обезбеди средства за реконструкција на девет студентски домови во државава и во првата фаза се опфатени домовите „Кузман“ и „Стив Наумов“ во Скопје.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска при  денешниот увид во градежните активности на компанијата „Страбаг“ во студентскиот дом „Кузман“, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека со реновирањето објектите ќе бидат енергетски ефикасни. Како што рече, целта е да се подигне стандардот на студентите и „обезбедување нормални, а не супстандардни услови за живеење и учење на студентите“.

-Реконструкцијата е темелна и покрај градежните работи, опфаќа и водовод, канализација, енергетика, машинство, фотоволтаични панели, за да може потрошувачката на другиот тип на енергија, ослободувањето на јаглероден диоксид да се сведат на минимум. Исклучително е значајно што во приземјето се предвидени соби за студентите со посебни образовни потреби, кои досега ги немаше, а сега ќе ги има. Исто така, собите за студентите се уредуваат по највисоки стандарди, прозорците се од многу висок квалитет, дополнително, за заштеда на енергијата предвидено е паметна регулација – како на топлината, така и на светлината. Тоа значи дека кога студентот ќе излезе од собата, а заборавил да го изгаси светлото, тоа ќе се изгаси автоматски, а исто и греењето, изјави Јаневска.

Посочи дека проектот опфаќа три фази – во втората ќе бидат реновирани домовите во Охрид, Штип, Прилеп и студентскиот дом „Томе Стефановски -Сениќ” во Скопје, а во третата фаза  - „Гоце Делчев“ во Скопје и студентскиот дом во Битола. Очекува целиот проект да заврши до крајот на мандатот на оваа Влада.

-Тоа значи дека ќе бидат опфатени сите домови во Македонија. Секоја од фазите би требало да чини околу 17 милиони евра. Досега имаме обезбедено 30 милиони евра за да ги довршиме овие проекти што сме ги започнале. Оваа влада се грижи за студентите, ќе треба малку време, ова ќе оди во фази, но студентите во Македонија конечно ќе имаат солидни услови во кои ќе живеат и работат, нагласи министерката за образование и наука.

Како и минатата година, и во оваа академска година, рече таа, додека трае реновирањето на домовите, сите  студенти што ги исполнуваат условите ќе добијат сместување, а за тоа на располагање се и ученичките домови.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека се работи за значаен проект кој, рече, „долго време беше заглавен во лавиринти и процедури“.

-Конечно е одглавен, навистина голем напор од страна на Министерството. Мислам дека сето она што го кажа министерката ќе се случи. За нас е важно да се заврши овој проект и младите луѓе, студентите, конечно да добијат повеќе од добри услови за сместување. Барем од она што го видовме внатре, една просторија како тоа би изгледало, споредено со тоа како било порано, станува збор за огромна разлика. Навистина ќе уживаат во совладувањето на материјата на факултетите. Можам само да посакам успешно студирање, побргу да се заврши проектот и студентите да почнат да се вселуваат. Како што кажа и министерката, во текот на следната година очекуваме полека да се вселуваат студентите. Како Влада, нашата цел е реализација на проекти, реформи, бидејќи тоа од нас го очекуваат граѓаните – да градиме, а не како што беше во минатото – кога владите крадеа, и тоа ужасно многу крадеа од граѓаните, и ништо не успеаја да направат, изјави Мицкоски по направениот увид во градежните работи за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во центарот на Скопје.

 

МИА