Судење „Штекли“: Презентирани форензички вештачења и ДНК анализи, обвинителството тврди дека групата била строго хиерархиска

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи главната расправа за предметот против Раде Трајковски – Штекли и останатите обвинети за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. На денешното рочиште беа презентирани материјални докази, вклучувајќи записници за претрес, потврди за привремено одземени предмети и форензички вештачења за пронајдени наркотични супстанци и биолошки траги.
Пред судот беа изведени докази поврзани со претрес на патничко моторно возило „Опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од еден од обвинетите. Според презентираните материјали, при прегледот, под возачкото седиште биле пронајдена цилиндрична кутија и кесичка со бела прашкаста материја.
-Извештај од вештачење од 10.01.2025 година, од кој е утврдено дека белата прашкаста материја пронајдена во количина од 31 грам кај лицето претставува кокаин, беше истакнато од страна на јавната обвинителка Верица Бержетска-Крстевска.
Во продолжение на доказната постапка, јавната обвинителка презентираше и резултати од ДНК анализа на пронајдените предмети.
-Извештај од вештачење на којшто се утврдени траги на крв, од горниот дел од внатрешната површина на една од кесичките, тоа е една прашкаста материја, поврзана со лицето во ДНК-профил од еден од обвинетите, наведе Бержетска-Крстевска.
За истото лице бил извршен увид и во наредби за претрес на дом, при што бил одземен мобилен телефон.
Во однос на комуникацијата меѓу обвинетите, беа презентирани листи од телефонски разговори остварени во август 2024 година. Според доказите, регистрирана е комуникација меѓу дел од обвинетите, при што се лоцирани базните станици во реонот на населбите Керамидница и Дебар Маало.
Меѓу презентираните докази беше и записник од август 2024 година за извршен преглед на лице во Скопје, кај кое, според наводите, била пронајдена кесичка со растителна материја скриена во презерватив. Вештачењето потврдило дека се работи за 16,5 грама марихуана. Дополнително, беше презентиран и доказ за пронајдена бела супстанца во возило „Лексус“, за која вештачењето покажало дека се работи за 4,17 грама кокаин.
Групата, според обвинението, дејствувала во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година и била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Обвинителството тврди дека првообвинетиот Раде Трајковски – Штекли се јавува како организатор и координатор, кој бил во контакт со лица од странство и домашни посредници за првична набавка на кокаин, давајќи насоки и упатства за проширување на мрежата.
Според доказите на Обвинителството, дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата се одвивала преку апликации за заштитена комуникација, како „Снепчет“, а клучни докази биле обезбедени преку систем за анализа на мобилни телефони.
На почетокот на судскиот процес, првообвинетиот Раде Трајковски – Штекли изјави дека не го разбира обвинението, додека останатите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Одбраната на Трајковски истакна дека ќе докаже оти тој не формирал, ниту организирал криминална група и дека не постојат докази дека давал инструкции, посочувајќи дека наводите на Обвинителството се базираат на претпоставки.
Обвинението првично опфаќаше 16 лица, од кои дел веќе склучија спогодби и добија затворски казни, а за четворица обвинети постапката беше раздвоена по признавање на вината.
МИА
Ново на Сител
-

Рубио: Притисокот на САД врз сојузниците во НАТО да вложуваат повеќе во одбраната не е непријателска работа
-

Трамп: Секој што го користи терминот вештачка интелигенција е „непријател“
-

Алармантни бројки од Онкологија: Лани откриени 1.000 нови случаи на рак на дојка, 7.000 заболени се на активен третман
-

Муцунски: Добрососедските односи се суштински за европска интеграција, Коридорот 8 овозможува тој принцип да се оствари
-

Жена нападната и расечена со остар предмет од партнерот во Скопје
-

Кривична за угостител од Дебар, послужил алкохол на малолетник кој подоцна физички нападнал свој врсник
-

Повторно искршено детско игралиште во Кисела Вода: „Неколку пати се поправаше, сè е за ништо“
-

Кај 43-годишник од скопско пронајдени пушка, пиштол, муниција и шприцови со масло од канабис
