Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува со завршни зборови на одбраната

Судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжува денеска во Основен Кривичен суд Скопје со завршен збор на одбраната на обвинетите. На изминатото рочиште Основното јавно обвинителство во завршните зборови побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, додека, за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.
Обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска изјави дека исказите на обвинетите не се совпаѓаат со доказите и дека мотивот за убиството не мора да се утврди, посочувајќи дека е субјективен и не е услов за осуда. Јавното обвинителство побара доживотен затвор за сите четворица обвинети, бидејќи, според нив, нема олеснителни околности, а нивните постапки дополнително ја трауматизираат јавноста. Како што наведоа, Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, не сакал да ѝ наштети, но учествувал во киднапирањето, Велибор Манев призна учество во двете убиства, Боре Видевски првично призна вина, но подоцна негираше, Влатко Кешишев се обиде да се прикаже како послушник, но доказите покажуваат активна улога, а Љупчо Палевски се смета за организатор кој креирал алиби и уништувал докази.
По завршните зборови на Основното јавно обвинителство, правните застапници на оштетените семејства пред судот изјавија дека во целост го прифаќаат барањето на Обвинителството, се приклучуваат кон кривичното гонење и бараат имотно правно побарување.
Додека, адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, завршниот збор го оцени како контрадикторен сам по себе. Туфегџиќ нагласи дека никаде не е спомнат таткото, ниту пак било каква конекција со него во врска со извршувањето на кривичното дело. Посочи дека не бил изведен ниту еден доказ од страна на Обвинителството во целата судска постапка со кој би се докажало дека Александар имал комуникација со првообвинетиот Љупчо Палевски.
Во завршниот збор, обвинителството ги образложи во детали и случувањата за кои стануваше збор и во доказната постапка, а во кои се опишани грабнувањата и убиствата на Вања и Панче.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Ново на Сител
-

ДСЗИ побара стручна комисија да испита дали починатото новороденче на ГАК било соодветно лекувано
-

Антимигрантската резолуција влезе во Собранието – СДСМ остана надвор
-

„Нова сила“ со стари имиња – Филипче го склопи партиското раководство
-

Македонска делегација во Брисел
-

Падот на бугарската влада нема да ја закочи изградбата на железничкиот тунел меѓу Македонија и Бугарија, вели Николоски
-

МВР отвори шалтер „Безбеден град“ за граѓаните да ги ажурираат податоците
-

Кинеската амбасадорка ја посети Јофа Текс - компанија која соработува со Кина повеќе од 20 години
-

Босилово ќе ги користи австриските искуства во противпожарната заштита и доброволното пожарникарство
