Македонија
17. December 2025 - 16:39

Падот на бугарската влада нема да ја закочи изградбата на железничкиот тунел меѓу Македонија и Бугарија, вели Николоски

Падот на бугарската влада нема да ја закочи изградбата на железничкиот тунел меѓу Македонија и Бугарија. Политиката нема да влијае на проектот, вели вицепремиерот Николоски.

Вчера и завчера се случила првата средба на директорите на двете железнички инфраструктуни претрпијатија и нивните тимови во Софија. Втората средба е закажана за јануари. Паралелно, вели Николоски, се очекува Европската Унија да обезбеди 100 проценти грант преку механизмот Сефа.

- Ние презедовме наши обврски, а тие презедоа свои. Во однос на нивните обврски, колку што сум информиран во моментот тече процесот на жалба за изградба на делот од Ѓуешево до границата, по што ќе следи изборот на изведувач. Во моментов прават проектирање со цел на пролет да распишат тендер за делот Софија – Перник – Радомир до Ѓуешево. Проценетата вредност на нивниот дел е околу 1,2 милијарди евра. Во однос на нашиот дел, првичната информација за тендерот на Коридорот 8, третата фаза излезе на официјалниот сајт на Европската унија и на официјалниот сајт за тендери на ЕУ, имајќи предвид дека овде имаме сериозен грант и добри кредити.

Процесот го води Европската унија, заедно со Железници инфраструктура. Тоа е првиот чекор што беше направен. Вториот чекор, до крајот на месецот, зависи од божиќните празници, треба да излезе и тендерот за надзор, рече Николоски.

Договорот за изградба на тунелот беше потпишан меѓу македонскиот и бугарскиот министер за транспорт минатиот месец. Ќе биде долг околу 2 и пол километри, по половина во двете држави. Тој е дел од третата фаза од железничката линија Скопје – Софија, која се смета за најкомплексна.

Од македонска страна, првиот дел од Куманово до Бељаковце е завршен, а вториот до Крива Паланка е готов околу триесетина проценти.