Судот утре ќе решава по жалбата на ОЈО за притворот на напаѓачот на градоначалничката Арсовска
Кривичниот суд од понеделник ќе одлучува по жалбата на ОЈО за одлуката да му се одреди куќен притвор на напаѓачот на градоначалничката Арсовска. Од обвинителството велат одлука се уште нема. За првоосмничениот кој физички ја нападна Арсовска обвинителството бараше ефективен притвор, но судот одлучи да му одреди куќен во времетраење од 8 дена. Обвинителството смета дека постои опасност осомничениот да го повтори делото или да се даде во бегство. Од судот пак во одлуката образложија дека мерката е куќен притвор поради тоа што се работи за скратена постапка. За инцидентот во Чаир, осомничено е уште едно лице на кого му беа одредени мерки за претпазливост.
Арсовска од вчера е под 24ч часовно полициско обезбедување поради нападот но и закани по живот кои ги добила од неколку лица. Двајца полицајци се одредени од МВР да бидат со неа постојано. Арсовска и денеска на социјалните мрежи го критикуваше министерот за внатрешни работи дека задоцнил со преземање на мерки бидејќи да постапеле уште првиот пат немало да дојде до насилството кое го претрпела. Градоначалничката пишува дека инцидентот не бил етнички туку директен напад од криминалци.
„Ова не е етнички конфликт меѓу Македонци, Албанци, Чеси или Марсовци. Ова е конфликт против криминалци, на територија во град Скопје каде МВР се плаши да постапува,“ пишува Арсовска на ФБ.
Инцидентот со Арсовска во Чаир се случи пред два дена, кога таа заедно со вработени од градската администрација била во увид на објект кој нелегално се гради. Од град скопје преку соопштение известија дека и покрај увидот и поднесената пријава, продолжиле градежните активности.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар