Судски совет распиша оглас за избор на уставен судија, одлуката на Управен суд била преседан
По речиси седум месеци откако Управниот суд одлучи дека незаконски бил изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска, Судскиот совет денеска одлучи да распише нов оглас за пополнување на испразнетото место. Претходно, во советот размислуваа дали изборот треба да го повторат со претходните тројца кандидати, но сега по донесување на новиот закон за Судски совет и заострените критериуми, уставен судија ќе се бара преку нов оглас.
„Според мое мислење, ние во овој момент треба да постапиме по новиот закон бидејќи тој освен што е во согласност со напатствијата кои се даде со пресудата, е во согласност и со основните права кои ги имаат сите судии“, изјави Александар Камбовски, Претседател на Судски совет.
Управниот суд во мај годинава пресуди дека Дуковска била избрана незаконски бидејќи Судскиот совет не расправал за останатите две кандидатки пријавени на огласот. Во советот, одлуката на Управен ја сметаат за преседан оти се поништувала одлука донесена од Собранието.
„Замислете, секој кој што ќе го докаже правниот интерес ќе може да ја поништува одлуката на Собранието. Значи воопшто оваа одлука не е пример како надлежните органи, посебно судовите ги штитат човековите права, туку напротив е во една обратна смисла“, изјави Ивица Николовски, член на Судски совет.
Тужбата заради која беше одземен мандатот на Уставната судијка ја поднесе Антоанета Димовска која во меѓувреме стана член на Судскиот совет. Таа денеска ја напушти дебатата во судски за одлуката на Управниот суд.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
