Сведочење на судењето на 13 полицајци за „Пулс“: Не изгледаше дека ќе биде сериозна ситуација

Со сведочења на сведоци предложени од одбраната денеска продолжи судењето против 13 полициски службеници обвинети за непостапување согласно акцискиот план поврзан со дискотеката „Пулс“ во Кочани. Пред Судот исказ дадоа поранешен началник на ОВР Пробиштип, како и лица кои биле присутни во дискотеката ноќта кога избувна пожарот.
Сведоците говореа за ангажирањето на полициските службеници во акциската контрола и за постапките на дел од обвинетите во моментите на евакуација.
Сведокот Горан Моневски, кој во критичниот период ја извршувал функцијата началник на ОВР Пробиштип, изјави дека бил известен оти за викендот на 15 и 16 март треба да бидат ангажирани полициски службеници на подрачјето на ОВР Кочани врз основа на претходно утврден план.
-На 14-ти бев известен од началникот на ОВР Штип дека планот е одобрен за вршење на контрола на угостителски објекти и дека во текот на денот ќе бидам повикан од началничката на ОВР Кочани за да бидам запознаен со профилот на лица потребни за таа акциска контрола - рече Моневски.
Тој сведочеше дека околу 13 часот бил контактиран од началничката на ОВР Кочани, која го информирала дека, по консултација со началникот на СВР Штип, е одобрена акциска контрола по однос на дрога и алкохол и дека од ОВР Пробиштип треба да бидат обезбедени двајца полициски службеници во цивил и двајца униформирани полициски службеници.
По добиеното барање, како што наведе, доставил список со полициските службеници што ќе бидат ангажирани, како и со кое службено возило ќе дојдат.
Одговарајќи на прашање зошто меѓу нив бил и обвинетиот Марјан Радевски, Моневски рече дека претходно добил насока службениците да не бидат избрани само за да се пополни бројката.
-Началничката Марија ме замоли да не бидат само бројка, туку да им пуштам полициски службеници кои ќе постапуваат професионално - изјави сведокот.
На прашање дали бил запознаен кои угостителски објекти ќе бидат предмет на контролата, Моневски одговори дека ниту тој, ниту полициските службеници од Пробиштип немале такви информации.
-Колегите од ОВР Пробиштип не беа запознаени, не знаеле - рече тој, додавајќи дека нивната служба немала вршено безбедносни проверки за објектот „Пулс“, бидејќи не знаеле во кои угостителски објекти ќе се врши контролата.
Моневски детално сведочеше и за моментот кога бил известен за пожарот.
-Нешто пред три часот ми се јави колегата Дарко Милошевски и со видно вознемирен тон ме извести „Началник, ние сме во кабаре Пулс, се запали дискотеката, колегата Тоше го нема“. Во тој момент не можев да го сфатам мислејќи дека метафорички сака да каже дека почнале да постапуваат и како реакција на присутните се запалила толпата со реакции спрема полициските службеници - рече Моневски.
Тој посочи дека повторно го побарал колегата за да провери што точно се случува.
-Тогаш тој ме извести, „Началник, можеби има сто жртви, а колегата Тоше не се јавува на телефон“, и побара најбрзо што може да интервенираме, да повикаме брза помош, да известиме противпожарни служби - сведочеше Моневски.
По известувањето на надлежните служби, како што кажа, веднаш се упатил кон „Пулс“, каде што ги затекнал полициските службеници од ОВР Пробиштип.
-Ги затекнавме колегите од ОВР Пробиштип без присуство на колегата Тоше, видно изнемоштени, исчадени, а потоа добивме информација дека колегата Тоше бил извлечен од дискотеката без знаци на живот, како и многу останати присутни гости и дека со возило на брзата помош бил префрлен во болницата во Кочани - рече сведокот.
Одговарајќи на прашања од обвинителството, Моневски изјави дека за акциската контрола немал писмена наредба, туку усна.
-Поради лошите искуства наредбата беше дадена усно, како што е дозволено според закон да биде или усно или писмено - наведе тој.
Во судницата сведочеше и лице кое било присутно во „Пулс“ ноќта на пожарот. Сведокот изјави дека во дискотеката пристигнал околу еден час пред избувнувањето на пожарот и сведочеше за настанот и за помошта што присутните ја давале во обидите за спасување.
Друг сведок, кој бил гостин во дискотеката, изјави дека забележал како еден од обвинетите полицајци помагал во текот на ноќта. Тој посочи и дека дел од обвинетите полициски службеници се наоѓале надвор од објектот.
Сведочеше и гостинка која во дискотеката пристигнала околу два часот по полноќ.
-На влегување си купивме карта, влеговме и секогаш кога излегувавме таму стоевме на десниот шанк, поблиската страна до излезот - рече таа.
Според нејзиниот исказ, на почетокот никој од присутните не сметал дека пожарот ќе прерасне во сериозна опасност.
-Кога го забележавме пожарот на почеток не изгледаше дека ќе биде сериозна ситуација, никому не му изгледаше сериозно, немаше паника на почеток - изјави сведокот.
Таа додаде дека состојбата се променила откако било кажано дека има пожар.
-Кога Панчо кажа дека има пожар почна да се создава гужва, луѓето почнаа да излегуваат панично. Јас се упатив кон излезот, пред мене го искршија ѕидот од гипс-картон за да се прошири просторот за излегување затоа што настана многу гужва - рече сведокот.
Во продолжение опиша дека при излегувањето било искршено и стакло на излезната врата и дека во метежот паднала и се заглавила пред вратата.
-Се сеќавам дека се обидуваше да ме извлече лице во униформа - изјави таа.
Во својот исказ сведочеше и за постапките на обвинетиот Драган Петрушев по пожарот.
-Се сеќавам дека Драган Петрушев, кој е тука, ме виде, и еден од другарите му кажа да го донесе автомобилот поблизу што може бидејќи бев повредена и не можев да се движам и даваше насоки да одиме во штипската болница да избегнеме гужва во кочанската болница - рече сведокот.
Судот денеска го одби предлогот да се испита сведокот Лазар Захариев, бидејќи е обвинет во врска со истиот кривично-правен настан, а исто лице не може да има двојно својство, односно својство на сведок и обвинет за ист кривично правен-настан во услови кога кривичната постапка која се води против него не е правосилно завршена.
-Својството на сведок и својството на обвинет се неспојливи поради што нема да биде сослушан сведокот Лазар Захариев - рече судијката Фанка Јанчулева Михаиловска.
Судењето се однесува на трагичниот пожар што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што животот го загубија 63 лица, а повеќе други беа повредени. Во предметот се обвинети 13 полициски службеници, за кои Обвинителството тврди дека не постапиле согласно предвидените обврски и акцискиот план поврзан со работата на дискотеката.
МИА
Ново на Сител
-

Муцунски и Ивановиќ: Европската интеграција, реформите и новата авиолинија во фокусот на разговорите
-

Европратениците ги критикуваат новите овластувања на Фронтекс за надзор на социјалните мрежи
-

Мисајловски: Со реформата конечно го решивме прашањето на професионалните војници
-

Шест месеци до година за законско прифаќање на дигиталните лични карти и возачки дозволи, објасни министерот
-

Во Битола над старата касарна откриени и отстранети 1.700 рачни бомби од Првата светска војна
-

Илјадници пациенти плаќале за операции на очи кои веќе ги покрил Фондот: Осум лица приведени
-

„Одек низ времето“ – музичко патување низ епохите на класичната музика
-

Битолчанец излегол од затвор на отсуство, па повторно бил уапсен пошто поседувал различни видови дрога
