Сведоци за „Пулс“ ќе се носат со полиција ако не дојдат на судење
Сведоците за пожарот во „Пулс“ кои неоправдано не доаѓаат на судење, ќе бидат донесени со полиција. Обвинителството на денешното рочиште објасни дека некои од сведоците не можат да ги контактираат, па побараа судот да им испрати покани за распит.
„Сведоците кои одбиваат да се појават на судењето, според јавниот обвинител, тврделе дека се уште имаат здравствени проблеми, а дел, психички трауми, па не сакале да зборуваат за кобната ноќ на 16 март“.
Сведоците кои со лекарска документација ќе потврдат дека не се во состојба да дојдат во судницата, нема да сведочат, а нивните искази дадени пред јавен обвинител во текот на истрагата, ќе бидат прочитани, појасни судијката Диана Груевска-Илиевска.
Претходно, нивните имиња од листата на сведоци ги повлече обвинителството, но со тоа не се согласи одбраната, па сега обврска да ги донесе во судницата има судот. Треба да сведочат лица кои ноќта биле во дискотеката, но и вработени во општината.
Недостапен сведок имаше и денеска. Беа повикани двајца, а сведочеше само таткото на починатиот Александар Карадаковски. За него рече дека бил близок пријател со синот на Дејан Јованов и управител на фирмата „Мммм“ кафе.
Работел како шанкер, но не во дискотеката, туку во кафичот во центарот на Кочани.
„Се изненадив и го прашував зошто е управител. Александар ми рече дека Деко го замолил, за да не му пропадне лиценцата. Деко за неколку месеци ќе средел и син ми прифатил“, изјави во судницата Карадаковски, татко на починатиот Александар.
Судењето продолжува во четврток, обвинителството најави дека обезбедило петмина сведоци.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
